ЖРК Вардар е единствената македонска женска ракометна екипа која мина рунда и ги брани боите на земјава во европските клупски купови. Во 2.коло од „Европскиот куп“ со две убедливи победи ја минавме екипата на РК Приштина од Косово. Следен предизвик ни е тимот од Холандија, екипата на Јуро Унирек. Првиот меч во Скопје ќе се одигра на 13 ноември од 17:00 часот во СЦ „Јане Сандански“. Овој тим од пионери го водеше Драгана Ристова, по три години созревање на домашната сениорска сцена тимот започна со европска одисеја. Ристова која со девојките мина пионерска, кадетска, младинска и сениорска лига дочека своите пуленки да ги води и на овој предизвик. Таа повеќе од половина деценија го подготвуваше тимот за оваа фаза, токму со неа разговараме како најзаслужна за формирањето на оваа екипа.
Вардарки имаа проблеми со повреди на првите два натпревари од Европскиот Куп со тимот на РК Приштина, сепак полека се подобрува здравствениот билтен и се во тек последните подготовки за мечот во сабота против Јуро Унирек.
Подготовките за саботниот дуел од Европскиот куп течат во најдобар ред, во комбинација ми се Џатевска и Трајкоска кои не играа на дуелите со Приштина. Сепак во меѓувреме се појави проблем со средниот бек, Галевска која зад себе има пауза од една седмица поради проблеми со половината. Одлично се подготвуваме, здравствениот билтен ни е поволен пред овој прв дуел од европскиот двомеч.
Стручниот штаб ги анализира предностите и маните на двата колектива пред дуелот со тим кој е релативно непознат за нас, но сепак влегува како фавориот во оваа пресметка со црвено-црните дами.
-Кога би ги анализирала нивните и нашите предности во овој двомеч, на нивна страна е искуството како предност. Кај нас е тоа што сме млад тим и сакаме да се докажуваме, секако се фаворити во овој двомеч. Сепак ќе се бориме „машки“ не се откажуваме, ние имаме сопствени квалитети, ќе се бориме на теренот и на двата дуела до последен атом на силите.
На крајот од кормиларот на црвено-црните побаравме да ни ги соопшти очекувањата за првата средба и воопшто за двомечот со тимот од Холандија.
-Искрено само сакам да влезат девојките растеретени, без притисок и психички подготвени. Да одиграме еден одличен дуел во сабота, кој ќе биде прекрасна ракомена претстава за гледање, а на крајот од истиот да бидеме задоволни од нашата игра на теренот. Треба да имаме предвид дека се играат два натпревари и се надевам дека ќе ги оправдаме очекувањата, да бидеме на она ниво на кое реално сме во моментот. За крај би сала да повторам и акцентирам, ова е прво искуство на нашите млади девојки во европски купови, треба да веруваме во нив и да им дадеме прилика за напредок низ овие натпревари- завршува Ристова.