Пензионерските денови професорот Мирослав Бошковиќ ги користи за да ни долови епизоди од долгата историја на АК Вардар. Во новото четиво тој пишува за поранешен член на црвено-црниот тим:
Една од најдобрите атлетичарки во историјата на АК “Вардар” е и Мирјана Василевска Ташковска
Како ученичка во Средното фискултурно училиште во Скопје, во 1966 година, Мирјана пристапува во клубот, каде работи со тренерот Ѓорѓи Нечев. А во тој период, како што може да се забележи на фотографиите, АК “Вардар”, покрај повеќето талентирани атлетичари, имаше и мошне бројна и женска екипа.
Како машките, така и женските имаа соблекувална, која ги задолуваше потребите. Воглавном, атлетичарките потекнуваа од скопските средни училишта,кои претходно се истакнаа на средношколските кросеви и малите олимписки игри. Во својата атлетска кариера, трчала на кратки патеки, 100, 200, 400 метри, а била и редовен учесник на републичките и сојузните крос првенства, поголем број улични атлетски трки, универзитетски првенства на Југославија, како и повеќе меѓународни натпревари во земјата и странство. Освен тоа, ги бранела боите на СРМ, редовен учесник на четворомечот Потесна Србија – Македонија – Црна Гора – Косово, на познатиот атлетски митинг “Народна младеж”, како и повеќе меѓународни митинзи во Чехословачка, Романија, Бугарија и др. Фокусот во нејзината кариера беа спринтерските дисциплини. Така, кон крајот на 60-те години, таа е во врвот на македонската атлетика на 100 и 200 метри. Настапуваше и во трките на 400 метри, а својот најдобар резултат го постави во 1971 година, со својот личен рекорд од 1:00,5 , што претставуваше еден од најдобрите резултати во македонската атлетика во тие години. Со овој резултат, Мирјана беше рамо до рамо со најдобрите атлетичарки на Вардар , покрај атлетичарките Нада Павлова и Аница Пупинова. На почетокот на својата кариера, со голем успех настапуваше во дисциплината 60 метри. Својот најдобар резултат од 8,2 сек. го постигна во 1967. Инаку АК “Вардар” во минатото имаше неколку извонредни спринтерки, меѓу кои и Шекеринова Вера, која беше југословенска рекордерка во 1947 година, со време 8,0 , а покрај неа извонредни беа и Павлова Нада и Јованова Оливера. Кон крајот на 60-те години, сеуште се практикуваше дисциплината 80 м. со пречки. Во 1969 година Мирјана го постигнала својот најдобар резултат од 15,8 сек.На натпреварите во крос кантри, секогаш беше меѓу најдобрите атлетичарки, како во јуниорска, така и во сениорска конкуренција. Најголем успех постигнува на републичкиот крос во 1971 година, кога надмоќно го освои 1 место. Со тоа, станува водечка атлетичарка во Македонија во крос кантри, по прославената шампионка и и државната репрезентативка, Елица Змејкова. Оваа победа, истата година, ја одведе на државниот крос во Аранѓеловац, каде на мошне тешката и каллива патека, во должина од 2 км., го освои солидното 14 место. А во каква конкуренција настапи, најилустративно сведочат познатите имиња на југословенската атлетика, Ѓурѓица Рајхер, Милошевиќ Веселинка, Павличек Славица, Уранкар Даница, Николиќ Вера и др.
Два пати беше учесник на кросот Политика, во Белград, 1971 и 1972 година, кога два пати го освои 3 место, зад Ѓурѓица Рајнер и Вера Николиќ. Како студентка на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, настапи на универзитетското првенство на Југославија, во Белград, 1972 година. Тука забележа извонреден успех на 200 м., станувајќи универзитетска вицешампионка на Југославија, со резултат 26,0. На фотографиите кои ми ги испрати, може да се забележат медалот и дипломата од овој голем студентски успех.
Пред крајот на својата атлетска кариера, во 1972 година, миуспеа да се пласира во финалето на Купот на СФРЈ, кое се одржуваше во Загреб, на стадионот Максимир (На овој голем атлетски настан, патуваше со Бранко Стојановски, исто така од АК “Вардар” кој во дисциплината трискок постави нов републички рекорд за сениори со должина од 15,32 м. Нејзината доминација во спринтерските дисциплини ја презеде атлетичарката од АК “Олимпија” од Битола, Вера Вељановска, која набрзо ќе ги собори сите рекорди во спринтерските дисиплини, а повеќе години беше незаменлива членка на македонската и југословенската атлетска репрезентација, во јуниорска и сениорска конкуренција. Покрај успесите на атлетската патека, Мирјана беше успешна и во школувањето.
По завршувањето на средното образование, студира на Филозофскиот факултет и Факултетот за физичка култура во Скопје, кои со успех ги заврши, и се стекна со две дипломи. Својата голема љубов кон спортот ја пренела на својата ќерка Магдална Ташковска , која е извонредна пингпонкарка, но по примерот на својата мајка, често настапува и на многубројните атлетски трки. По повод 23 октомври, на патеките на Гази Баба, се одржа трката во крос кантри, на која настапи и Магдалена.
Беше тоа пријатен ден за сите оние кои уживаат во трчањето, и за љубителите на атлетиката, а посебна радост претставуваше средбата на неколку поранешни и сегашни членови на АК “Вардар”
Дополнително-Мирјана ни испрати уште две медали освоени на 100 метри