Младиот состав на ЖРК Вардар направи мало „изненадување“ и славеше на теренот на Куманово, во рамките на 1.коло од групата А, во женската Супер Лига.
Екипата предводена од Александар Царчев ја изненади екипата на Куманово, која важеше за фаворит на овој натпревар со оглед дека играше пред своите гледачи. Натпреварот заврши со резултат 21:23 во корист на Вардар.
Во најголем дел од првото полувреме се играше гол за гол, иако вардарци во стартните шест минути од натреварот се стекнаа со два гола разлика, но сепак домашниот тим со серија на погодоци не дозволи уште во првиот дел натпреварот да има поинаков тек. На полувреме се замина со резултат 11:11.
Гледавме бробен натпревар и во вториот дел од натпреварот, период во кој избраничките на Царчев направија мал исчекор кога поведоа со 16:19. Вечерва, Вардар имаше голема помош и од своите голманки, кои имаа интервенции во моменти кога се „кршеше“ натпреварот. Куманово се врати во натпреварот, кога израмни на 19:19, но Вардар благодарение на головите на Сара Стефаноска успеа да триумфира со резултат 21:23.
Најефикасна во нашиот состав беше младата, Сара Стефаноска која постигна 6 голови, Ивона Трпевска имаше 5, додека 4 постигна Бојана Коцева. На голот расположена беше Андреа Илиќ со 7 одбрани, Јована Трајкоска имаше 2, додека една но вредна интервенција од пенал во клучен момент од мечот имаше и нашата Вероника Ѓорѓиевска.
Честитки до целиот тим, сите имаа свој придонес за овој голем триумф на стартот од новата натпреварувачка сезона.