Денес, во малата сала на СЦ.Јане Сандански, вардарки одиграа уште еден тест натпревар против репрезентацијата на Гвинеа, кој заврши со нерешен резултат 25:25 (12:13).
Избраничките на Царчев и Платон подобро го отворија натпреварот и во два наврати имаа водство од три гола разлика, кога резултатот беше 3:0 и 5:2. Репрезентацијата на Гвинеа се врати во игра, го израмни резултатот на 7:7, за до крајот на првиот дел да гледаме игра гол за гол на двете страни, а противникот на кратка пауза замина со минимално водство од 12:13.
Во вториот дел, Гвинеа се одлепи на највиски четири гола разлика (14:18), сепак вардарки фатија ритам и со серија на погодоци израмнија на 19:19. Во последните четири минути, противникот влезе со водство од 22:24, но нашиот тим се избори за нерешени 25:25 на овој контролен натпревар.
Најефиксна во нашиот состав беше Ивона Трпевска која постигна 14 голови. Во листата на стрелци се запишуваа уште и Леона Миленкоска (4), Борјана Коцева (2), Дона Тодоровска (2), Нина Милевска (1), Бојана Радевска (1) и Симона Василева (1).
На голот, Андреа Илиќ имаше 8 одбрани, додека Вероника Ѓорѓиевска запиша 5 интервенции.