Полека се подзагрева атмосферата пред почетокот на полуфиналниот натпревар за екипата на Вардар во лигата на шампионите. Црвено-црните пред себе имаат голема и историска шанса да донесат прво европско финале за клубот. Противник ќе ни биде добро познатиот тим на ЦСМ Букурешт, со кој веќе на два пати ги одмеривме силите во главната рунда и ги победивме. Сепак ова ќе биде еден поразличен меч, на кој влогот наречен финале е голем за двете екипи. Расчположението во нашиот состав е на најголемо ниво, девојките се подготвени да дадат максиум и да ја израдуваат целокупната Македонска јавност. Секој денес во 17:45 часот ќе биде пред малите екрани и ќе стиска палци за Вардар да одигра добро и да забележи триумф. Во претходните две години, Будуќност беше пречката која ни застана на патот кон големото финале, иако пред две сезони, Црнагорките беа посреќни дури по продолжението, откако во регуларниот дел натпреварот заврши со нерешен резултат. Сега го немаме црнагорскиот шампион за противник во полуфинале, од тука ја гледаме нашата шанса за финале. Во другото полуфинале ќе се судрат Будуќност и Ѓер, каде ќе има вистинска војна на теренот, па победникот од тој меч ќе биде доста истоштен.
Вардар нема да биде сам во Будимпешта, каде тргнаа повеќе од 200 црвено-црни фанови да ги бодрат девојките кон историски успех. Ќе се слушаат вардаровите песни, кои ќе им дадат дополнителен мотив на девојките да остварат победа. Со седнувањето на клупата на Давид Дејвис, екипата функционира на едно повисоко ниво, а се надеваме дека врвот ќе биде достигнат токму овие два дена во Будимпешта. Сите држиме среќа за нашиот шампион, кој сме сигурни дека ќе не израдува по завршување на мечот со противникот.