Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Марија Гоцевска :Наградата ми претставува признание за досегашниот вложен труд и дополнителен мотив и стимул за постигнување поголеми успеси
Марија Гоцевска :Наградата ми претставува признание за досегашниот вложен труд и дополнителен мотив и стимул за постигнување поголеми успеси

Марија Гоцевска :Наградата ми претставува признание за досегашниот вложен труд и дополнителен мотив и стимул за постигнување поголеми успеси

Ракометната “Јуниор“ лига која е целосен проект на ракометниот клуб Вардар го имаше својот финиш во првата сезона на нејзиното функционирање. Повеќе од 20 ракометни школи низ цела Македонија ја имаа можноста да се натпреваруваат, надигруваат, но истовремено да стекнуваат нови искуства, познанства и пријателства. Познати се победниците во сите возрасни генерации, во машкиот и женскиот дел на Јуниор лигата. Продолжуваме со изјавите на играчите кои земаа поединечни награди на завршниот турнир. Следна е Марија Гоцевска, која со екипата на РК Делчево стана шампион во генерација родени 2000/01 година. Марија решава да тргне по стапките на своите родители и да почне да се занимава со ракометот.

-Ракометот претставува традиција во моето семејство, извесен период и моите родители се занимавале со ракомет, па оттаму и мојата љубов кон овој спорт. Ракомет играм 2,5 години и се надевам на продолжување со ракометот на професионален план.

Во големото финале, Делчево убедливо ја победи екипата на РК Филип-Вардар. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 30:19. Токму Гоцевска и Николова беа најефикасни со по 8 погодоци.

-На почеток морам да го искажам моето задоволство за можноста за учество во Јуниор лигата која ни овозможи да ги покажеме нашите квалитети, можности и знаења, истите да ги надоградиме и усовршиме. Уште на почетокот на Јуниор лигата нашата екипа беше решена секој натпревар да го одиграме најдобро што знаеме и умееме и успеавме да одговориме на сите предизвици. Горда сум на мојата екипа што успеавме да победиме на сите натпревари во Јуниор лигата.

Марија ги искажува позитивните впечатоци од настапите во Јуниор лигата и можноста сите играчи д аги покажат своите играчки квалитети.

-Јуниор лигата е едно позитивно искуство каде не само јас, туку сите играчи кои учествуваа имаа можност да ги презентираат своите способности во целост. Иако по природа секогаш барам од себе повеќе напор и енергија на натпреварите, морам да признаам дека сум задоволна од настапот во лигата и постигнатите резултати.

Наградата за најдобар играч во генерација 2000/01 и припадна токму на Марија Гоцевска, за која ова претставува дополнителен мотив за работа.

-Да се понесе титулата за најдобар играч во Јуниор лига ми претставува огромно задовлоство, особено во конкуренција на квалитетните играчи кои учествуваа во лигата. Наградата ми претставува признание за досегашниот вложен труд и дополнителен мотив и стимул за постигнување поголеми успеси. Искрено не се надевав, но посакував оваа награда да ми припадне мене, како и што се надевам на кариерно напредување во младинските категории на РК Вардар, изјави Марија Гоцевска за нашиот сајт.

Звонко Ивановски