Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Историја > КК Вардар податоци

КК Вардар податоци

Кошаркарскиот клуб Вардар е формиран во истата 1947 година кога е формирано нашето спортско друштво, како негова кошаркарска секција на 27 јули 1947. КК Вардар е најстариот кошаркарски клуб во Македонија. КК Вардар игра во втората македонска кошаркарска лига и своите натпревари ги игра во СРЦ Кале.

Вардар во последните 10-тина години има создадено одлични играчи, но повеќето набрзо потпишувале за други клубови кои им нуделе подобри финансии. Тука може да се вбројат браќата Војдан и Дамјан, Ивица Димчевски, Марко Симоновски и Бојан Крстевски, а на млади години забележителна улога имале и Дарко Соколов и Александар Костоски.

За време на Југославија, Вардар нема настапувано во Првата југословенска кошаркарска лига. Единствени два тимови кои биле дел од нејзе се попознатите клубови Работнички (со 18 настапи) и МЗТ Аеродром (со 2 настапи). Трет клуб кој настапувал во Првата лига на екс Југославија е КК Македонија (во втората сезона од првенството), тим кој потекнувал од спортското друштво Македонија, од кој и настанало спортското друштво Вардар.По осамостојувањето на земјава во раните девеести  КК  Вардар нема значајна улога во Првата македонска кошаркарска лига и се натпреварувал во пониските лиги. Конечно во сезоната 1996/97, клубот успеал да влезе во Првата кошаркарска лига.

КК Вардар мечевите ги играл на различни места, во зависност од слободните термини. Како домашна сала се водела салата Расадник во Кисела Вода, но по потреба клубот играл мечевите и во Кале, Градски Парк и во салата Јане Сандански. Со почетокот на новиот милениум доаѓаат и најдобрите години во историјата на КК Вардар.

Сезоната 2001/02 клубот ја завршил на седмата позиција. Под палката на Марјан Лазовски, клубот успеваал да заврши прв од четири екипи кои се натпреваруваат во плеј аутот. За екипата на Вардар во оваа сезона настапувале Лазовски, Саздов, Трајковски, Даниловски , Поповски , Петрушев, Димитриевиќ , Благоевиќ, Ефтимов, Совковски, Апостолов и Петковиќ.

Во сезоната 2002/03 Вардар добил нов спонзор, а со тоа и првата промена на своето име. Клубот го сменил името во Вардар Империјал, а ресторанот Империјал бил новиот спонзор по чија палка клубот стигнал до своето прво полуфинале во историјата. Само кош ги делел Вардар од првото финале, меѓутоа на мечот во Струмица против Поло Трејд, изгубиле со два разлика и Струмичани биле тие кои ја добиле честа да се натпреваруваат за титулата. Во оваа сезона Вардар бил предводен од Мираковски, Совковски и Кралевски, додека тимот од клупата го води тренерот Ацо Тодоров. Боите на Вардар ги бранеле Јончевски, Ѓорѓиевски, Ѓорѓиески, Петровски, Кралевски, Апостолов, Мираковски, Гоцевски, Совковски, Михајловски и Петковиќ.

Во сезоната 2003/04 Вардар одново стигнал само до полуфиналната серија, но во истата бил поразен од МЗТ Аеродром со 4-1 во победи. Составот бил сличен како и во претходната сезона, а на клупата седел Марјан Лазовски. Нешовски, Ѓорѓиевски, Михајловски, Петровски, Кралевски, Апостолов, Мираковски, Гоцевски, Софковски, Даскаловски, Цветниќ, Батук.