Камила Херем е избрана за најдобро лево крило за изминатата 2016 година, според гласањето на специјализираниот интернет магазин за ракомет „Хандбал Планет”. Херем во конкуренција на четири ракометарки доби вкупно 43 гласа, што беше за 21 глас повеќе во однос на Полина Кузнецова (Кубан). Во конкуренција за оваа позиција беа уште и Мајда Мехмедовиќ (ЧСМ Букурешт) и Сираба Дембеле (Ростов). Норвешката репрезентативка летово дојде во Вардар и со својата репрезентацијата стигна до медал на Олимпијадата во Рио, а златна беше и на последното ЕП што се одржа во декември месец во Шведска. Со екипата на Вардар се пласираше во главната фаза од Лигата на шампионите. Исто така „црвено-црните” се единствен тим што е без пораз по првите шест натпревари. Во изборот на магазинот имаше и неколку други ракометарки на различни позиции. Андреа Пенезиќ конкурираше за најдобар лев бек, Алаксандра Лакрабер за десен бек, Јованка Радичевиќ за десно крило и Амандин Лејно за најдобар голман. Избор на најдобрите седум ракометарки изгледа вака:
- лево крило – Камила Херем (Вардар)
- лев бек – Кристина Неагу (Будуќност)
- среден бек – Изабела Гулден (ЧСМ Букурешт)
- десен бек – Нора Мерк (Ѓер)
- десно крило – Ана Вјахирена (Ростов)
- пивотмен – Хајди Локе (Ѓер)
- голман – Кари Гримсбо (Ѓер)
- најдобар одбранбен играч – Едуарда Аморим (Ѓер)