Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Моќ, сила, демонстрација, Вардарки го разнишаа сеуште актуелниот европски првак
Моќ, сила, демонстрација, Вардарки го разнишаа сеуште актуелниот европски првак

Моќ, сила, демонстрација, Вардарки го разнишаа сеуште актуелниот европски првак

Ракометните клубови на Вардар продолжуваат да не радуваат со нивните одлични игри и достигнувања. Двете екипи се меѓу најдобрите осум во Европа. Момците допрва треба да ја почнат битката за Ф4 и завршниот турнир, а девојките со една нога се веќе таму. Уште 60 минути останаа во Унгарија да се одработат и да се симне од тронот актуелниот европски првак. Првата битка во Скопје ја добивме на убедлив начин.

Министерката за одбрана феноменалната Суслина и нејзината замена Лејно беа вистински мотор за екипата. Одбраната функционираше на едно повисоко ниво од претходните натпревари по групи. Овие девојки покажаа дека имаат квалитет за највисоки дострели и достигнувања. Радичевиќ по подолго време одигра еден добар комплетен натпревар, во стилот на Дибиров имаше неколку украдени топки и лесни реализации. Лекиќ беше вистински организатор на играта, иако и таа не го кажала последниот збор за оваа сезона. Лазовиќ докажа и покажа дека не беше случајно нејзиното доведување во клубот. Германската интернационалка Алтхаус како поминува времето се подобро се склопува во оваа балканска екипа. Секако дека најголемиот товар комплетно во двата правци падна на неа, и успешно одговори на предизвикот што го имаше. Пенезиќ е дефинитивно најдобриот наш играч и стрелец оваа сезона. Повторно кога немавме на моменти идеја во нападот, она беше таа која ја прифаќаше одговорноста за удар и завршница.

Сите девојки кои настапија професионално одговорија на поставените задачи и тактики од двоецот на клупата Кастратовиќ-Питлик. Овој тренерски тандем се покажа дека успешно функционира надмудрувајќи го комплетно противничкиот тренер, Мартин Амброс. Двајцата предводници на црвено-црните го пренесуваат искуството на нивните избранички кои треба да ги поведат кон Европска титула. Инди со своето играчко, а Питлик како врвен стратег и вистински лисец се можеби најидеалната тренерска комбинација. Дефинитивно Вардарки блеснаа во стариот сјај, кои со поддршка од публиката направија добар резултат пред реваншот за седум дена во Унгарија. Сепак како што потенцираше Лекиќ овие шест гола немора да бидат пресудни за конечниот победник. Пример го наведе Рк Вардар и нивното анулирање на шесте гола од Плоцк. Фактот дека Ѓер ја има можеби најдобрата ракометна публика во женска конкуренција, го остава отворено сеуште прашањето околу патникот на завршниот турнир.

Но Вардар докажа во подготвителниот период дека може да го совлада Унгарскиот шампион и на негова територија , кога на турнирот “Хандбал Фиеста“ го освоивме првото место и ги совладавме токму вчерашниот противник и уште еден европски првак-екипата на Ларвик. Не се сомневаме дека нашите миленички ќе не израдуваат и триумфално ќе се вратат од Унгарија. Сите заедно да прославиме нов голем успех и повторно учество на еден завршен турнир.