Победа на вториот натпревар од квалификацискиот турнир за нашата женска младинска ракометна репрезентација. Во С.Р.Ц. Кале избраничките на Борче Марковски ја победија селекцијата на Молдација, убедливо со резултат 44:25.
На овој дуел тргнавме многу посамоуверено, а противникот само еднаш го израмни резултатот на (1:1). Од тие моменти Македонија постигнува шест последователни голови и зголемува на 7:1. Почетната предност ни овозможи полесно да играме во продолжение од натпреварот. Како течеше првиот дел, така постепено растеше разликата во наша корист. На седум минути пред крајот на првото полувреме, нашиот состав имаше и двоцифрена предност, која истата до истекот на првите 30 минути ја зголеми на 22:10. За разлика од мечот против Унгарија, игравме многу подобро во одбраната и потрпеливо во нападот, каде постигнуваме голови од различни позиции.
Продолживме со силно темпо и во вториот дел, игра за која Молдавките немаа одговор. По само 10 минути игра во второто полувреме имавме и највисоки 15 голови разлика, по што остатокот од натпреварот го искористивме да испробаме различни варијанти во двата правци на игра. На крајот победата се покажа и како убедлива. Од ракометарките на Вардар кои се дел од репрезентацијата се истакнаа Анастасија Николовска и Ана Иванова кои постигнаа по 5 гола. По 4 голови беа дело на Ива Божиноска и Леонида Гичевска, додека 2 гола постигна и Ања Велкова. Денес во истава сала го играме решавачкиот меч за пласман на ЕП во Словенија. Последен противник на турнирот е репрезентацијата на Фарски Острови, со која играме од 19:30 часот.