Екипата на ЖРК Вардар стигна до петтиот трофеј во купот на Македонија. Денес во спортската сала во населбата Автокоманда се одигра големото финале, помеѓу екипите на Вардар и Металург. Полесно од очекувањата, црвено-црните стигнаа до првиот трофеј за оваа сезона.
Уште по првото полувреме имавме двоцифрена предност, кога на одмор се замина со резултат 10:21. Уште на стартот наметнавме силно темпо, кое екипата на Металург неможеше да го следи. Добро функционираше нашата одбрана, која ни овозможи неколку лесни голови преку контра напади. Во второто полувреме тренерот, Дибирова им даде шанса за настап на сите играчи кои беа на располагање за денешниот дуел. Како одминуваше натпреварот, предноста се повеќе растеше во наша корист. Во 50 минута имавме убедлива предност од 17:35. Одлична на голот беше и Амандин Лејно, која имаше неколку добри интервенции. Конечниот резултат на крајот гласеше 19:45.
Лакрабер беше најефикасна ракометарка со 12 постигнати голови, додека 7 додаде Сара Ристовска.
На тој начин Вардарки стигнаа до петата титула во националниот куп, четврта последователна во ова натпреварување. Во текот на утрешниот ден се играат и полуфиналните натпревари од плејофот, во битката за трофејот ос супер лигата, каде Вардар исто така е апсолутен фаворит.