Во спортската сала “Јанчица“ денес во Кичево се одигра натпревар во женската младинска лига, помеѓу екипите на Кичево 10 и Вардар. Поуспешни беа црвено-црните кои славеа со резултат 27:34.
Се до 13 минута се играше гол за гол и ниту една од екипите немаа поголемо водство од еден гол, се до моментот кога Вардар од 5:4 направи серија од 1:4 и имаше предност од 6:8. Сепак домашниот тим направи резултатски пресврт и на шест минути пред крајот имаше водство од 11:10. Се играше доста променливо на двете страни, а финишот на првото полувреме му припадна на Вардар, кој сепак успева на одмор да замине со минимална предност од 13:14.
Во второто полувреме го скршивме отпорот на противникот, кога на стартот ги постигнавме првите два гола и за прв пат на мечот имавме три гола позитива (13:16). Како одминуваше вториот дел постепено ја зголемувавме разликата во наша корист и во еден момент имавме високи 20:26. Противникот немаше сили да се врати на натпреварот, додека избраничките на Платон рутински ги приведоа последните десет минути. На крајот славевме убедливо со седум гола разлика, која беше највисоката предност стекната на овој натпревар.
Ова е прва победа во новата сезона за младинките на Вардар. Најефикасна на денешниот натпревар во Кичево беше Марија Гоцевска која постигна десет голови.
ЖРК Вардар: Елена Бабунска, Елена Ивановска 4, Марија Танчева 1, Анастасија Нелоска 2, Викторија Сандева, Александра Колоска 1, Јована Величковска, Тамара Паланковска 1, Дона Алушовска, Тамара Стојчевска 4, Клара Трајкова 1, Ивана Блажевска 1, Ива Цветковска 5, Марија Костадиновска 2, Марија Гоцевска 10, Кети Ангеловска 1.