На четири дена пред стартот на Светското ракометно првенство во Германија, меѓусебни контролни натпревари одиграа селекциите на Србија и Црна Гора, за кои настапуваат ракометарки на Вардар. По една победа и припадна и на двете репрезентации.
На првиот дуел убедлив триумф забележа селекцијата на Црна Гора и тоа со двоцифрена разлика (36:26). По првото полувреме, исто така имаа водство од 16:13. Ова беше и деби победа за новиот селектор Пер Јохансон, кој на клупата на Црна Гора го замени Драган Аџиќ. Токму десното крило на Вардар, Јованка Радичевиќ беше најефикасна на мечот, постигнувајќи 11 голови, додека Андреа Кликовац не се запиша во листата на стрелци. Кај Србија настапи Драгана Цвијиќ, која постигна еден гол.
На вториот дуел одигран исто така во Бар, кој беше од затворен карактер, овој пат победа славеше Србија со резултат 31:25. На овој дуел тренерот Јохансон ја поштеди за игра Радичевиќ која беше на клупата, додека Андреа Кликовац имаше два гола. Драгана Цвијиќ пак беше стрелец на четири голови.
На СП во Германија, Црна Гора е во група со селекциите на Русија, Бразил, Данска Јапонија и Тунис. Србија пак ќе биде во група со домаќинот Германија, потоа Холандија, Јужна Кореја, Кина и Камерун.