Младинскатга ракометна репрезентација до 19 години во периодот од 23 јули до 2 август ќе учестува на Европското првенство за младинки, кое ќе се одржи во Шпанија (Валенсија). Останува уште една недела до започнување на ова натпреварување, а нашата репрезентација веќе во вторник ќе отпатува за Шпанија. Во вторник вечера со автобус се патува до Софија, а следниот ден утрото авионски директно до Валенсија. Последните денови од подготовките поминуваат во пријатна атмосфера, се работи по два тренинзи дневно.
Селекторот Симовски ги испробува последните варијанти и полека замислува како ќе игра оваа екипа на Европското првенство. До крајот на припремите ќе нема подготвителен натпревар, останува на она што претходно беше одиграно. Беа забележани две победи во Габрово, против селекцијата на Бугарија. Во Скопје одигравме исто така два силни подготвителни мечеви со репрезентацијата на Србија. Беше остварена една убедлива победа и еден пораз во овие дуели.
На овие припреми покажавме добра игра и радува одличната форма во која се наоѓаат девојките пред заминувањето за Шпанија. Нашата репрезентација е во група со селекциите на Германија, Русија и Литванија. Европското првенство го отвараме со дуел против Литванија, мечот ќе се одигра на 23.07 со почеток од 21:00 часот. Следниот ден играме со Германија. Потоа следува слободен ден, за потоа да ја затвориме групната фаза со меч против Руската репрезентација. Овој дуел ќе се одигра на 26.07 со почеток исто така од 21 часот. Младинската репрезентација ја сочинуваат претежно ракометарки кои доаѓаат од екипата на Вардар. Десет Вардарови девојки ќе не преставуваат на ова Европско првенство.