Екипата на ЖРК Вардар Јуниор забележа убедлива победа, на натпревар од женската лига. Во С.Р.Ц. Кале нашиот млад состав убедливо го победи тимот на Овче Поле, со резултат од 39:8.
Самиот факт дека вардарки примија само три гола во првиот дел говори за нашата супериорност и добра одбрана во текот на мечот. Поведовме на стартот со резултат 3:0, за гостинската екипа да постигне два гола во серија и да намали на 3:2. Интгересно до крајот на првото полувреме, Овче Поле само еднаш го пронајде патот до нашата мрежа, за разлика од Вардар Јуниор кој ја полнеше нивната мрежа. Серијата траеше до резултат од 13:2, кога направивме и двоцифрена разлика, за конечно противникот по нашата серија од девет последователни голови, и тие да постигнат гол. До крајот на првиот дел нова серија за избраничките на Симе Симовски, кои на одмор заминаа со убедливо водство од 18:3.
Серијата продолжи и во второто полувреме, кога вардарки постигнаа уште нови шест последователни голови и веќе зголемија на убедливи 24:3. Доминираше Вардар и во овој дел од натпреварот, а на секој постигнат гол на Овче Поле, нашиот состав враќаше со неколку погодоци во серија, за на крајот конечниот резултат да гласи 39:8.
Интересно најефикасна во нашиот состав беше крилото, Мирјана Петковска, која инаку настапува за кадетската и младинска екипа на Вардар Јуниор, а тренерот Симовски се повеќе им дава шанса за настап во најсилната супер лига. Меѓу нив е и Марија Галевска која постигна 4, како и Ангела Костовиќ со 1 гол. Кај противникот сите осум голови беа дело на Марија Анчева.
Вардар Јуниор: Андреа Илиќ, М. Николовска 1, А. Николовска 3, Петковска 7, Карчева 2, Стефановска 2, Галевска 4, Кицеска, Вељановска 1, Трпевска 3, Диневска 5, Костовиќ 1, Божиноска 2, Филипоска 1, Иванова 2, Николиќ 5.