Заврши Европското првенство за младинки, кое од 23-ти јули до 2-ри август се играше во Валенсија. Нов ракометен шампион во младинска женска конкуренција е селекцијата на Данска. Тие во финалето беа подобри од своите врснички од Русија. Македонија го заврши ова натпреварување на 15 место. Со победи против Литванија го започнавме и завршивме ЕП. Тоа беа единствените два триумфи, кои успеаа нашите девојки да ги забележат. Во првата групна фаза одигравме уште нерешено со селекцијата на Русија, а бевме поразени од Германија. Македонија го освои третото место на табелата и не успеаа да се пласира во борбата за висок пласман.
Понатаму продолжи да разигрува за пласман од 9-15 место. Тука забележавме три порази, против Србија, Хрватска и Португалија. Остана мечот за избегнување на последното место на ова европско првенство. Повторно во дуел со Литванките, против кои и го започнавме ова натпреварување. Иако на полувреме имавме негатива од четири голови, нашите младинки успеаа да соберат сили за да забележат уште еден триумф. Конечниот резултат гласеше 29:27. Тодоровска, Керамичиева и Нолевска кои доаѓаат од вториот тим на Вардар, постигнаа сите по шест голови. За најдобар играч на последниот натпревар, по втор пат на ова ЕП беше избрана голманката, исто така на втората екипа, Нина Ладева. Најдобар стрелец во нашата репрезентација на целото ЕП, беше капитенот Сара Ристовска.