Tuesday ,03 December 2024
Последни:
Home > Slider > Четири генерации на ФК Вардар во големото финале на купот, познати се и противниците во борбата за трофејот
Четири генерации на ФК Вардар во големото финале на купот, познати се и противниците во борбата за трофејот

Четири генерации на ФК Вардар во големото финале на купот, познати се и противниците во борбата за трофејот

Академијата на фудбалскиот клуб Вардар е на прагот да стигне до една од најуспешните сезони во историјата на клубот. Четири од вкупно шест генерации на Вардар ќе играат во големото финале на националниот куп и ќе се борат за трофејот во ова натпреварување.

Генерацијата 2004 предводена од Петар Георгиевски успеа да се пласира во ново финале во националниот куп, откако во полуфиналето успеа да ја елиминира екипата на Академија Пандев. Вардарци на реваншот кој се одигра на домашен терен славеа со резултат 3:1, додека првиот дуел одигран во Струмица заврши со нерешени 2:2. Оваа сезона ќе гледаме реприза на финалето од купот на Македонија кај оваа генерација, со оглед дека екипите на Вардар и Шкендија беа финалисти и минатата сезона, кога поуспешни беа Вардарци, дури по изведување на удари од белата точка. Тогаш нашите млади надежи кои беа предводени од Кралевски по пенали успеаа да го освојат првиот куп трофеј, откако во регуларниот дел дуелот заврши 2:2. Екипата на Шкендија до финалето оваа сезона стигна откако во 1/2 финалето го елиминира тимот на Милано. Оваа генерација на Вардар која оваа сезона е предводена од Георгиевски игра доста офанзивен фудбал, убав за око.

Во својата дебитантска сезона финале во националниот куп кај петлињата ќе игра и генерацијата на Вардар родени 2005 година. Тие полесно од очекувањата во полуфиналниот двомеч ја елиминираа екипата на Шкендија, која немаше одговор за нашата игра. Уште по првиот меч одигран во Тетово ја завршивме половина од работата кога обзбедивме висока предност од 0:3. Вчера на реваншот само го потврдивме квалитетот, забележувајќи нов триумф од 3:1, а оваа генерација која во моментов ја предводи Зоран Петковски е на добар пат да ја освои двојната круна и да го зачува победничкиот менталитет, кој го наметна Сашо Јанев од почетокот на оваа сезона. Противник во финалето ќе ни биде екипата на Кул, откако во полуфиналето ги елиминираа Постолов од Штип

Младинците на Вардар и Шкендија се финалисти во купот кај највозрасната категорија. Избраниците на Рап-Тап го победија тимот на Работнички и на реваншот кој вчера се одигра на теренот на Алумина (0:1), додека првиот дуел одигра на домашен терен исто така му припадна на Вардар со резултат 2:1. Шкендија со вкупен резултат од 4:2 успеа во полуфиналето да ја елиминира екипата на Академија Пандев. Вардар и Шкендија оваа сезона се најдобрите младински екипи, па најреално беше овие два тима да се борат за трофејот. Вардаровиот тренер, Сашо Тодоровски знае како е да се освојуваат трофеи, па се надеваме дека и оваа сезона со уште една различна генерација ќе се обиде да ја збогати својата колекција на трофеи, која ја има како тренер во Академијата на Вардар.

Помладите пионери денес само ја потврдија доминацијата во полуфиналните дуели против екипата на Њу Старс. После убедливата победа од првиот меч (7:0), денешниот реванш беше само формалност за нашите млади надежи, кои го добија повторно со резултат 0:3. Тие оваа сезона се предводени од младиот и талентиран тренер, Филип Деспотовски, исто така поранешен играч на Вардар, кој наметна победнички карактер кај оваа генерација, која исто така е во борба за двојната круна. Мотивираноста која им ја дава на своите играчи, како пред почетокот така и за време на натпреварите е една од неговите најголеми адути. Последната пречка до освојување на трофејот во купот ќе ни биде екипата на Академија Пандев која во полуфиналето после голема борба го елиминира тимот на Шкупи.

Мора да ја пофалиме и стручната, професионална и посветена работа на директорот на школата, Ѓорѓи Христов како и координаторот Сашо Милошевски кои заедно донесоа и воспоставија победнички систем на работа кој оваа сезона функционира успешно. Милошевски кој долго време е во клубот најдобро е запознаен со младинската школа, па голем дел од успесите му се препишуваат токму на него, човек кој едноставно знае како „дише“ Академијата на најтрофејниот македонски клуб.