Фудбалскиот клуб на Вардар од неодамна има нов директор на Академијата или младинската школа на клубот. Се работи за поранешниот репрезентативец на Македонија, Ѓорѓи Христов кој има 48 настапи во националниот дрес и постигнато 16 голови за селекцијата на Македонија. Христов исто така може да се пофали со долга интернационална кариера, кога како играч настапуваше за голем број на клубови низ Европа, како: Партизан, Барнсли, Нец Најмеген, Зволе, Данфермлин, Дебрецен, Хапоел Назарет, Ники Волос, Олимпијакос, Ден Бош, Баку и Јиваскила. Тој на фунцијата директор на школата во Вардар го заменува Бобан Бабунски, кој моментално е шеф на стручниот штаб во првиот тим на црвено-црните. Во следното интервју имавме можност да разговараме со Ѓорѓи Христов, кој во следниот период ќе ја извршува функцијата на директор во младинската школа на Вардар.
1. Христов доаѓате на функција во клуб кој е најголем спортски бренд во Македонија. Без оглед дали се работи за младинските категории или за првиот тим, навивачите бараат секогаш Вардар да се наоѓа на врвот. Што добива Вардар со вашето назначување, како директор на младинската школа ?
-Секако дека Вардар бил и ќе биде најголем, не само фудбалски туку и број еден спортски бренд во Македонија. Тоа е клуб со најголема традиција, најбројни навивачи, трофеи и историја зад себе. Веќе година дена сум во клубот како координатор на помладите генерации и многу ми се познати работите внатре, што секако е предност во однос на тоа да ова ми беше прво доаѓање во Вардар. Имав можност да ги согледам работите, па претпоставував што ме очекува. Со моето назначување како директор на младинската школа, Вардар ќе добие еден систем и начин на работа, според кој академијата и школата треба да се движат во иднина, да постигнеме стандарди, кои многу генерации во иднина ќе ги практикуваат.
2. Изминатата сезона беше прилично лоша во повозрасните младински категории. Освоиме еден трофеј, што е премалку за клуб како Вардар, ако се знае дека располагаме со најдобрите услови за работа во Македонија. Каде вие ја видовте причината за крајниот лош пласман и што сега како директор ќе промените на тоа поле ?
-Секогаш велам дека резултатот е единствено мерило за работата во било кој клуб, а не па во Вардар. Точно е дека Академијата имаше лоши резултати , но не би сакал јавно да искажувам мислења, што било добро, а што лошо. Секако дека она што беше добро нема да го допираме, можеме само да го подобриме, а проблемите ќе се обидеме да ги решаваме, онаму каде што работите не функционираа на потребното ниво. Не сум човек што гледа кон минатото, но секако дека треба да извадиме поука за во иднина. Одамна сум расчистил со теоријата, дека мојата кариера и искуство како играч, кој 18 години го минал низ Европа, сум го оставил веднаш кога сум прекинал со активното играње на фудбал и воопшто не ми значи со моменталната улога која ја имам сега и ја имав изминатите години во Металург.
3. Добро ви е позната оваа функција со оглед дека истата ја извршувавте и во младинската школа Металург, која во тој период имаше добри резултати. Што беше “клучот“ за вадењето на добри играчи , од кои некои и подоцна преминаа во Вардар и денес се потенцијални надежи на Вардар. Како на пример такви се: Колевски, Радевски, Тодороски, Ибиши, Гаштаров и други ?
-Самото доаѓање и ангажирање на тие играчи во Вардар, кои со години доминираа во младинската школа на Метгалург, беше препорака и јас еден ден да дојдам во Вардар. Металург во тоа време го искористи менаџментот и тоа што Вардар во тој период беше несреден и пред испаѓање. Тука Металург воведе еден систем на рабоа, кој не срамам да кажам дека го пресликавме од ФК Партизан, секако со нивна дозвола. Правилната селекција на млади играчи беше клучот за успехот и добрите резултати на младинската школа во тој период, иако клубот имаше лоши услови за тренинг и работа, кои ги има и денес. Како координатор во тој период ја укинав и членарината и ако добро се сеќавам бевме првиот првиот спортски колектив кој го направи тој потег. Остваривме и најголем траснфер, од рекордни 145.000 евра за македонски услови, со преминувањето на репрезентативецот Радевски од Металург во Шкендија.
4. Дали ќе има промени во однос на нови и заминати тренерски имиња во младинските категории на Вардар, како и генерациски промени во однос на минатата сезона ?
-Додека сезоната се уште трае и не е официјално завршена, со оглед дека во изминатиов период имавме генерации кои настапуваа на турнири надвор од Македонија и се уште трае рокот за поднесување на годишните извештаи од страна на тренерите, не можам да кажам дека има нешто конкретно во однос на ова прашање. Да се завршат сите тие работи , па тогаш ќе седнеме и ќе направиме анализа и план за следната натпреварувачка сезона.
5. Со оглед дека веќе една година ја извршувавте функцијата на координатор во помладите категории ( петлиња), а сигурно дека ги пратевте и повозрасните екипи, дали сметате дека Вардар има потенцијални надежни играчи и што е потребно за истите во иднина да бидат успешни и да настапуваат за првиот тим на клубот ?
-Наша цел ќе биде да направиме играч, кој ќе помине преку првиот тим на Вардар и репрезентацијата, па се до некој голем клуб во Европа. Вардар како Академија и клуб треба да започне самата да се финансира, преку заработкна на трансфери на играчи кои произлегуваат од сопствената академија и затоа не случајно сопственикот на клубот, господинот Самсоненко инвестирал во инфраструктура, за да на крајот од денот се види некој бенефит. Целта е да се одберат најдобрите играчи од цела Македонија, ако сакаме да го постигнеме она што го споменав, мора во Вардар да биде најдоброто од земјата. Како што растат генерациите, мораме да го шириме тој круг и да ја покриеме цела територија на Македонија.Тогаш можеме да започнеме со процес на усовршување, учење и формирање наквалитетни фудбалери.
6. Најчесто се вели дека ако сте биле добар играч, тогаш можете успешно да извршувате и тренерска, директорска или претседателска функција. Како вие размислувате во одност на ова прашање ?
-Тоа што некој бил помалку или повеќе успешен, никој не може да ни го одземе, или оспори. Таа играчка кариера е основна, но не и пресудна за функции како тренер, координатор, директор и.т.н. Секоја професија од споменатите е различна и секоја бара различен пристап , комуникација, начин на работа, така да сметам дека тоа се различни правци.
7. Дали има споредба на условите за работа во вашето време кога вие бевте играч и сега моменталните, кои ги имаат младите играчи во Вардар, кој како клуб располага со Академија, каква што имаат и Европските клубови ?
-Нема споредба на условите, времињата се различни. Сега Вардар дефинитивно има најдобри услови во Македонија, со кои располагаат и клубовите низ Европа. Од таа гледна точка ги имаме сите предуслови и време е да се види бенефит од сето тоа. Секако дека е потребно време, но тоа немилосрдно минува , па мора нешто да се направи на тоа поле. Во иднина кадетите и младинците ќе играат на теренот во населбата Јане Сандански, помладите остануваат на Академијата. На тој начин сакаме да направиме еден патоказ, академија-Јане Сандански и Хиподром.
8. За крај на интервјуто што имате да кажете за укажаната доверба да бидете директор на клуб како Вардар ?
-Прво голема благодарност до господинот, Сергеј Самсоненко и управата на Вардар за укажаната доверба. Можам да ветам дека ќе се работи професионално, чесно и квалитетно. Како што наведов во претходните одговори, Академијата и клубот мора да започнат преку своите играчи да се самофинансираат. Да не се чека само од сопственикот на клубот, туку мора да се вклучиме сите ние како Академија, да обезбедуваме средства преку продажба на играчи, бидејќи живееме во тешки времиња, кога не е лесно да се обезбедат средста и не случајно се изградени сите спортски комплекси. Благодарност на крајот и за вас како медиум што ме повикавте на интервју и за времето кое го посветувате на младите категории, кои континуирано ги следите, што е исто така многу важно за клуб како Вардар.
Звонко Ивановски