Денес во просториите на фудбалскиот клуб Вардар беа потпишани стипендиски договори со некои од играчите кои настапуваат во младинските категории на Вардар. Оваа чест им припадна на Марко Ѓоргиевски, Јакуп Бериша, Дејан Маркоски, Виктор Димков, Есмин Личина и Филип Трајчевски.
Марко и Јакуп минатата сезона настапуваа за генерацијата помлади пионери и беа најдобри стрелци на својата екипа. Ѓоргиевски беше убедливо најефикасен, каде сезоната ја заврши со постигнати 38 голови. Бериша беше втор стрелец со 10 погодоци, зад своето име. Овие двајца играчи во сезоната која претстои се прекомандувани да настапуваат за кадетите, кој ќе ги предводи Ане Андоновски. Дејан Маркоски најдобриот играч и стрелец за пионерите минатата сезона кој постигна 18 голови, исто така доби стипендија од клубот. Ова момче беше капитен на оваа генерација, а на последните неколку натпревари доби можност да игра и за кадетите под водство на Љупчо Марковски. Од следната сезона ќе го гледаме во младинската екипа, која ќе ја предводи Марковски-Калц.
Виктор Димков претходната сезона играше за кадетите, каде беше трет најдобар стрелец со вкупно 14 голови. Ова момче можеби беше најголемо откритие во оваа екипа, кој имаше голема заслуга за добрите резултати на тимот. Беше и меѓу водечките асистенти во лигата. Имаше можност да патува и со првиот тим во Ниш, на пријателскиот меч со Раднички.
Есмин Личина втор по ефикасност фудбалер за кадетите изминатата сезона, ја заврши со 17 постигнати голови. Беше капитен и стандарден во составот на оваа генерација. Имаше настапи и за вториот тим на Вардар во Б-лигата и е одличен организатор на играта.
Чуварот на мрежата, исто така на кадетите, Филип Трајчевски потпиша стипендиски договор со клубот. Трајчевски беше еден од подобрите голмани во лигата, со најмалку примени погодоци и се смета за голем потенцијал на Македонскиот фудбал.
Последно споменатите тројца играчи, во следната сезона ќе настапуваат за младинците на Вардар. Сите речиси се репрезентативци на младинските селекции на Македонија. Да споменеме дека Ѓоргиевски, Димков и Маркоски влегоа и во нашиот избор за играчи, кои ја одбележаа сезоната во младите категории на Фк Вардар.