Втора победа за пионерите на ФК Вардар, на силниот меѓународен турнир „Христо Бонев“. После ЦСКА Софија, денес падна и силната екипа на Стеауа Букурешт, па без оглед на утрешниот последен исход од групната фаза, нашите млади надежи предводени од Драган Стефановски-Гаге веќе успеаа да се пласираат во полуфиналето на овој силен турнир.
Се играше тврда утакмица, а само еден гол го реши победникот на овој квалитетен натпревар. Истиот го постигна Георг Стојановски во второто полувреме од мечот, и тоа повторно од слободен удар, за предност на Вардар од 1:0, што на крајот се покажа и како конечен резултат на овој дуел. Имавме уште неколку обиди и шанси да го загрозиме голот на романците, кои останаа неискористени. Одличен на нашиот гол беше и Лука Стојковски, на чело со целата дефанзивна линија на вардарци, која денес одигра речиси без ниту една грешка.
На крајот од мечот поради втор жолт картон, играта мораше да ја напушти стрелецот на единствениот гол, Георг Стојановски, за кој ова беше вкупно трет погодок на турнирот.
Вардар: Стојковски, Давков, Сељанац, Ѓоргоски, Јовановски, Ѓорѓиевски, Давидовски (c), Стојчевски, Мирков, Живков, Стојановски.
Утре во последното коло од групната фаза се среќаваме со екипата на Лудогоретц Разград од Бугарија.