Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Историја > На денешен ден пред 71.година се основаше С.Д Вардар
На денешен ден пред 71.година се основаше С.Д Вардар
Димче Беловски, лево, со највисокото државно и партиско раководство на Југославија

На денешен ден пред 71.година се основаше С.Д Вардар

На  20 јули 1947 година, значи пред 71 годинa,  пред киното “Вардар”, на денешна улица Македонија, голем број спортисти, спортски работници, љубители на спортот, општествено-политички работници… Со големо возбудување присутните се подготвуваат на еден значаен  настан во историјата на спортот во Скопје и пошироко во Македонија, одржување на основачкото собрание на кое треба да се фузионираат двете најсилни друштва во Скопје: Македонија и Победа. Се усвојува дневниот ред, а потоа присатните делегати носат одлука за обединување на двете друштва и се формира СД “Bардар”. За прв претседател е избран познатиот општествено-политички и спортски работник, Димче Беловски.

Величенствениот пречек на ракометарите на “Bардар” во Скопје (6 јуни 2017)

Величенствениот пречек на ракометарите на “Bардар” во Скопје (6 јуни 2017)

Лани, на  70-годишен јубилеј на СД “Bардар” ги доживеавме  најголемите успеси на друштвото, првото место во Европа на РК “Bардар” и второ место за ЖРК “Bардар”, ФК Вардар влезе во групата од Лига Европа. Но овојпат нема да пишуваме за ракометарите, за четвртото место во Европа на одбојкарите, за титулите на ФК “Bардар” во Купот на Југославија и Државното првенство на Југославија, за извонредните борачи, боксери, кошаркари, атлетичари, куглари….Овој пат ќе направиме еден осврт на настаните пред формирањето на СД “Bардар”, причините за настанувањето, како и  првите години на постоењето на ова реномирано спортско друштво.

Но, да се потсетиме за почетоците на спортските друштва “Mакедонија”и “Победа”, се до нивното фузионирање и настанување на “СД Вардар”.

НАСТАНИТЕ ПРЕД ПРЕД ПОЈАВАТА НА СД “ВАРДАР”

 

Уште во првите децении по ослободувањето на Скопје од турското владеење, физичката култура и спортот во Скопје започнале масовно да навлегуваат во секојдневниот живот преку рекреација и активен одмор. Никулците на првите спортски натпревари во Скопје се јавуваат во почетокот на минатиот век. По Првата светска војна во Скопје се обновува соколарството. Во наредните години започнала изградба на соколарскиот дом или Соколана. Во 1927 година бил основан скопски “лоптачки” сојуз.

По Првата светска војна никнале многубројни фудбалски клубови како: Македонија, Напредок, Синѓелиќ (1919), Вардар и Југ (1920), ССК, Победа и Балкан (1921), Граѓански (1922), Спарта (1924), Славија (1925), Графичар (1926), Слога (1927), Рапид, Мачва и Црна Гора (1931), Олимпија и Хајдук (1932), Раднички (1937), Душан Силни (1037). Во 1938/39 година, СК “Граѓански”, под водство на трнерот Илеш Шпиц,  бил на 10 место во првата лига на Кралството Југославија.

ФК “Победа “ меѓу двете светски војни

ФК “Победа “ меѓу двете светски војни

Клубот “Победа” е формиран во 1921 година, кој значел за клуб на работниците. Овој клуб еднагодина  подоцна го менува името во ФК “Jуг”, да по неколку години повторно го враќа старото име “Победа”. Во 1937 година, за одбележување е името на Тодор Димовски – Вујната, кој бил одличен голман и капитен на Победа.

ФК “Победа”, шампион на Македонија, 1946 година

ФК “Победа”, шампион на Македонија, 1946 година

По завршувањето на Втората светска војна, во 1946 година, Победа ја освојува првата шампионска титула во Македонија. По иницијатива на ФИСОМ (Фискилтурен сојуз на Македонија), била формирана Првата фудбалска лига, во која настапиле само шест клубови. По одиграните квалификации на подрачјето на Скиопје, право да играат во лигата добиле Победа, Македонија и Работнички од Скопје, Гоце Делчев од Прилеп, 11 октомври од Куманово и Пелистер од Битола.

На вкупно 10 натпревари, Победа  играла следниот  состав: Борис Ивановски – Буби, Гале Герасимовски, Кипро Кипровски, Јоска Тодоровски, Трајче Срафимовски – Жената, Никола Мартиновски, Драган Георгиевски – Геџа, Крсте Крстевски, Менсур Бајрами, Христо Христовски – Мулац, Ѓорѓи Цициевски – Џинка.

По овој успех, во 1946 година, Победа станува член на Првата југословенска лига, формирана веднаш по ослободувањето. Играчите на скопска Победа, на својот прв настап во југословенската прва лига, во конкуренција на 14 клубови, го освоиле одличното 8 место.

 ФК “Македонија”, 1942 година

ФК “Македонија”, 1942 година

ФК “Македонија” е формиран уште во 1929 година, во Кралството Југославија. Клубот постоел само две години, бидејќи името не било дозволено во таа држава. Од 1941 година настапува бугарско – германската окупација на Македонија. Во почетокот се мислело дека за долго во градот нема да има фудбал, но набргу младите се организирале. Окупаторот настојувал да ги освои младите и политички да делува на нив за нивно придобивање.

Се излажале, во 1941 година е формирана Скопска спортска област која извршила пререгистрација и пребројување на клубовите, но окупаторот бил присутен и со насилства врз младите спортисти настојувал да ги растури собирањата. Фудбалската асоцијација со седиште во Софија, ги примила клубовите во членство но со изменети имиња.

Набрзо по окупацијата бил формиран ФК “Македонија”, кој играл во првата Бугарска лига. На 29 март 1942 година, на натпреварот меѓу “Македонија” и “Левски” од Софија, се случил немил и невиден настан. По водство на Македонија од 2:0 над Левски, една одбиена топка од стативата на нашиот гол, судијата досудува гол за Левски. По долгите негодувања и убедувања, гостите од Софија го напуштиле теренот а судијата досудил крај на натпреварот.

Македонија во најдобрите времиња играла во состав: Драган Луковски-Аџија, Живко Нетков-Комесарот, Драган Геров – Гагуш, Васил Дилев, Јане Јаневски, Стојан Богоевски – Гајда, Светозар Атанацковиќ – Тозо, Трајче Серафимовски – Жената, Слободан Видовиќ, Слободан Петровски – Бала, Саво Цветковиќ, Блаже Симеонов – Гаер, Драган Луков – Аџијата, Кирил симоновски Џина и др.

Еден од легендите на македонскиот фудбал бил и Илеш Шпиц. Тој бил одличен тренер кој дошол од Сплит. За тренер на новоформираниот клуб  Македонија бил  со акламација на годишното собрание. Пред изборот за тренер на Македонија, бил тренер на  ФК “Граѓански” . Бидејќи бил од еврејско потекло, доживувал големи тортури и понижувања од бугарскиот окупатор. Членовите на клубот “Македонија” на чело со претседателот Димитар Чкатров, го спасиле од еден од злогласните логори на смртта.

Илеш Шпиц

Илеш Шпиц

За одбележување е и името на фудбалската легенда Кирил Симоновски – Џина. Тој е еден од најмаркантните фудбалери пред, но и по војната.Пред војната настапувал за А и Б репрезентацијата на Југославија. Бил најдобар играч на Граѓански, а потоа на Македонија.

Во 1944 година се приклучува на партизанските единици. На крајот од фудбалската кариера играл за белградски “Партизан”.

Првиот ноќен натпревар во Скопје.ФК Македонија со Работнички (1946 година)

Првиот ноќен натпревар во Скопје.ФК Македонија со Работнички (1946 година)

По ослободувањето на земјата, на 8 декември 1944 година се одиграл првиот натпревар на ослободената територија помеѓу “Македонија” и фудбалската селекција  на корпусот за народна одбрана на Скопје. Во јануари 1945 година во Скопје се одиграл натпревар помеѓу “Македонија” и младата селекција на Белград. Победила Македонија со 4:1.

Во 1946 година, Македонија настапила во првата македонска лига. Првото место и припаднало на “Победа”, додека второпласирана била екипата на “Македонија”. Во наредната 1946/47 година, Македонија станала шампион на Македонија.

По завршувањето на Втората светска војна, покрај фудбалот, ФИСОМ (Фискултурен сојуз на Македонија) поклонува внимание  на развојот и на другите спортови во Македонија, масовниот спорт, училишниот и студентскиот спорт, работничките игри и др. Во тој контекст се формирале првите спортски друштва во Скопје и внатрешноста. Во Скопје постоеле три спортски друштва: “Работнички”, “Победа” и “Македонија”.

Кирил Симоновски Џина

Кирил Симоновски Џина

Во рамките на СД “Македонија” , веќе во 1946 година била формирана машка кошаркашка екипа. Таа година бил одигран првиот кошаркарски натпревар помеѓу наши екипи, меѓу “Македонија” и “Работнички”. Резултатот гласел 28:18 за Македонија.Натпреварот бил одигран на Градскиот стадион со одбојкарска топка. Кошаркарската екипа на “Македонија” тогаш била прогласена за првак на Македонија. Забележителни членови и првите играчи и организатори во клубот Македонија биле: Асен Николовски,Благоја Боцевски, Ѓорѓи Атанасовски, Токли Атанасовски, Тошо Тодоровски, Стефан Тодоровски, Константин Тодоровски, Раде Јурахар, Перо Димов, Славко Димитровски, Војче Синадиновски, Србо Митровиќ, Јордан Јордановски, Никола Цветковски и Кочо Ѓорѓиевски.

Покрај останатите спортови, во 1946 година бил формиран и Одбојкарскиот клуб “Македонија”. Првакот на Скопскиот округ во 1946 година клубот “Mакедонија” учествувала на првото републичко првенство кое се одржало во Битола во јули 1946 година. ОК “Македонија” од Скопје на ова првенство го освоила второ место. На вториот Илинденски слет одржан во август 1946 година, екипата на Македонија одиграла натпревар со екипата од Пиринска Македонија “Пиринец”, во кој победиле гостите со 2:0.

Непосредно по завршувањето на Втората светска војна, при СД “Работнички” и СД “Македонија”, се формирале и првите атлетски секции, низ кои биле откриени повеќе атлетски таленти кои ќе го афирмираат атлетскиот спорт во Македонија. Тогаш започнуваат да се организираат првите атлетски натпревари, кои полека прераснуваат и во меѓународни.

На 1 мај 1945 година бил одржан првиот атлетски настан во Скопје, а првите носители на натпреварот биле: Лазо Милошевски,Бистрица Крањец, Славко Матовски, Мемо Сулејманов, Петко Димитровски, Ристо Бајалски, Стеван Демирев, Наталија Шошкиќ, а нешто подоцна во атлетиката влегле и : Андреа Герасимовски, Лидија Славковска, Вера Шекеринова, Зага Иванова и др.

Помасовен атлетски натпревар во неколку дисциплини бил одржан на 1-5 август 1945 година во рамките на Програмата на првиот Републички слет во Скопје. Атлетските натпревари во повоените години биле масовно следени од граѓаните. Така, забележено е дека на некои од нив имало 5-6 илјади публика.

За време на одржувањето на вториот фискултурен слет од 3-4 август 1946 година, биле одржани и летно – атлетски натпреварувања за првенство на Македонија. Некои од учесниците на натпреварот постигнале добри резултати: Славко Матовски на 100 метри постигнал време од 12,2 , во скок во височина скокнал 140 см., а трчал и на 400 метри. Миркуловски на 1500 метри трчал за 4:50. Во фрлачките дисциплини настапил Лијаковски, кој во фрлање диск постигнал резултат од 31,60 метри а ѓуле фрлил 9,72 метри. Атлетичарката Наталија Шошкиќ, 60 метри истрчала за 9,4 секунди.

На 21 август 1946 година било одржано градско првенство на Скопје на кое биле постигнати неколку добри резултати: во трката на 100 метри најдобар бил Славко Матовски со резултат 11,8 , второ место освоил Урош Петровски со 12,1 , а трет бил Лазо Милошевски со 12,3.

На 400 метри, Драго Хочевар бил прв со 55 секунди, а втор бил Ристо Бајалски со 55,1. Најдобар на 1500 метри бил Лазо Милошевски постигнувајќи резултат 4:51 . Наташа Шошкиќ во скок во височина прескокнала 134 см.

Во 1947 година, атлетичарката Вера Шекеринова  го изедначила југословенскиот рекорд на 60 метри со резултат 8,0 сек.

ОДРЖУВАЊЕ НА ОСНОВАЧКОТО СОБРАНИЕ НА СД “BАРДАР”

Заради создавање на силно спортско друштво кое рамноправно ќе се натпреварува во сојузна конкуренција, на сугестија на ФИСОМ се пристапило кон спојување на СД “Победa” и СД “Македонија” во едно спортско друштво.

Информациите кои ги поседуваме кажуваат дека оваа иницијатива не наишла на воодушевување кај двата спортски колективи. Имено, и раководствата и спортистите сметале дека е спортски да продолжат да делуваат како самостојни субјекти, и натаму да ги бранат боите на своите клубови. Поради новонастанатите реакции, наскоро покрај ФИСОМ, во овој проект се вклучиле и повеќе општествено-политички работници, а посебна улога имало Министерството за просвета на НР Македонија, на чело со министерот Димче Стојанов – Мире. А министерот имал голем авторитет во Македонија, за што зборуваат и најзначајните извадоци од неговата биографија.

Димче Стојанов -Мире бил еден од учесниците во националноослободителното движење и член на Президиумот на АСНОМ. Дипломирал историја на Белградскиот универзитет. Од 1935 до 1940 година бил професор во родниот Прилеп, а потоа во К ратово и во Ловеч (Бугарија). Поради неговата антифашистичка ангажиранист бил интернеиран во логорот  Чучулигово (Пиринскит дел на Македонија). По излегувањето од затвор, се вклучил во акциите на Втората народноослободителна бригада, а потоа и Петтата. Бил избран за член на АСНОМ, а на неговото Второ заседание бил избран за член на Президиумот и повереник за просвета.

Димче Мире

Димче Мире

По ослободувањето, Димче Стојанов –Мире извршувал одговорни државни и општествено-политички функции. Прво бил министер за просвета на НРМ, а во 1951 година бил избран за претседател на Народното собрание на Нарогна Република Македонија.

                Димче Стојанов – Мире бил и директор на Архивот на Македонија во периодот 1960-1978 година.

Како студент, во 1972 година, при посетата на Архивот на Македонија, каде Димче Мире беше директор, бевме наивстина срдечно примени од него , при што се уверивме во неговата љубов и преданост кон своите работни активности.

Процесот на подготовките за фузионирање продолжувал да се реализира со несмалено темпо. Се подготвувале норматините акти, се вршел избор на кандидати за членови на Управниот одбор, како и терминот за одржување собранието.

Конечно, на 20 јули 1947 година, во киното Вардар се одржало основачкото собрание на ново то спортско друштво СД “Вардар”. Избраните делегати донесле  одлука да се фузионираат двете спортски друштва и да се избере претседател и членови на Управниот одбор на Друштвото. За претседател на СД”Вардаr” бил избран претседателот на Народната младина на Македонија, Димче Беловски. За неговата личност, како и за неговиот придонес кон спортот и богата политичка и дипломатска кариера, зборуваат и следните информации.

Димче Беловски беше еден од учесниците на Првото заседание на АСНОМ во Св. Прохор Пчињски во 1944 година. Во антифашистичката војна бил комесар на прочуениот Овчаров батал, кој делувал на подрачјето Битолско и Преспанско. Во новинарските кругови ќе остане запаметен како еден од директорите на “Hова Македонија, основана во Горно Врановци во 1944 година.

Димче Беловски, лево, со највисокото државно и партиско раководство на Југославија

Димче Беловски, лево, со највисокото државно и партиско раководство на Југославија

По ослободувањето, активно се вклучил во политичкиот и во државниот живот на земјата, како секретар на СКОЈ и Народната младина на Македонија, член на Владата на НР Македонија, пратеник во Собранието на Македонија и во Сојузното собрание.

                Најголем дел од својата творечка и продуктивна активност Беловски вградил во дипломатијата на заедничката држава. Неговата политичка кариера го однесе надвор од земјата како амбасадор во Канада и САД.   Како амбасадор на тогашна Југославија учествувал на дури 10 заседанија на Генералното собрание на ОН. Во втората половина на 70-те години, при посетата на Ј.Б.Тито на САД, кога беше примен од американскиот претседател Џими Картер, токму Димче Беловски беше амбасадорот на СФРЈ во Вашингтон. Бил члем на ЦК СКЈ, а во 1984 година дури и секретар на Претседателството на ЦК СКЈ.

                Покрај функцијата претседател на друштвото, биле избрани и двајца потпретседатели: Александар Мартиновски Стипе, претседател на Градскиот одбор на Народната младина на Скопје и Страхил Трајковски, секретар на Сојузот на железничарските работници.

Во Управниот одбор на новоформираното СД Вардар, влегле неколку афирмирани спортисти и спортски работници кои членувале во претходните друштва: Димитар Алексовски, Лазо Милошевски, Ангеле Божиновски,Илија Топаловски, Перо Коробар, Душко Георгиевски, Митко Делимитов, Драгољуб Будимовски, Мицко Симеонов и Живко Тодоровски.

Покрај Димче Беловски, во наредните години и децении, претседатели на друштвото биле и:  Живко Поповски, Илија Сипковски, Боге Сотировски, Димитар Смугревски, Боге Велевски,  Васил Марковски – Циле и Владо Војновски.

Во тогашното СД “Вардар” членувале осум клубови и секции: фудбал, лека атлетика, одбојка, кошарка, велосипедизам, скијање, пинг-понг и општофизичко образование.

Значка на СД “Bардар”

Значка на СД “Bардар”

Подоцна ќе се формираат и следните клубови:боксерски, тениски, хокеарски, боречки, ракометен, џудо, ватерполо, карате, кугларски…

Бојата на СД “Bардар” вопрвите години по формирањето нила сино-бела.Наскоро таа се сменила во црвено-бела, додека по катастрофалниот земјотрес, собранието на друштвото ја одбрало црвено-црната боја.

ПРВИТЕ УСПЕСИ НА СПОРТИСТИТЕ ОД СД “BАРДАР”

Со формирањето на “СД Вардар”, почнува  да се гради новата историја на спортот во Македонија. На самиот почеток до израз дојдоа врвните спортски остварувања на вардаровите спортисти, пред се во фудбалот и атлетиката, кои беа на пиедесталот на македонскиот спорт во тие години. Веќе во 1947 година, по квалификациониот натпревар против ФK “Слога” од Нови Сад, Вардар станува член на Првата лига на поранешна Југославија.

ФК “Вардар” по фузијата

ФК “Вардар” по фузијата

Составот на “Вардар” во тоа време бил: Димитровски, Ивановски, Чапаев, Петровски, Давидовски, Кокиновски, Геров, Цинциевски, Јаневски, Георгиевски, Цветковиќ и Гота. Во натпреварувачката сезона 1947/48 година, Вардар настапувал во Првата југословенска лига. Во конкуренција на 10 клубови во лигата, го освоил 8 место. 1951 година се карактеризира со израмнет квалитет на скопските ривали Вардар и Работнички. Кога тие играле меѓу себе на градски  немало празно место на стадионот.

sd12 sd11 sd13

Во 1947 година на 30 и 31 август, на првото републичко првенство во кошарка кое се одржало во Битола, првото место го освоил КК “Вардар” (поранешна Македонија), пред Работнички од Скопје.

Во тоа време во Скопје бил регистриран и женскиот кошаркарски клуб “Bардар”. Најуспешни кошаркарки за екипата на Вардар биле: Наташа Шошкиќ, Беба Глигорова, Наташа Сенкијевиќ, Славка Гордиќ и Нада Ѓоргиева.

sd14

За котирањето на спортистите од СД “Вардар” потврдува и првиот избор на десетте најдобри спортисти и екипи во Македонија направен во 1949 година во весникот “Cпортски глас”. Во овојпреглед ќе ги дадеме вардаровите спортисти на кои им припаднало ова големо признание:

За најдобар спортист на Македонија бил прогласен Јане Јаневски, фудбалер на Вардар и во исто време тренер на младинците на Вардар, кои во 1949 година станале шампиони на Југославија. Играл за Вардар во генерацијата на познатите фудбалери со Џина Симоновски, Кокиновски, Балевски, Геров, Цинциевски и др. За Вардар има одиграно 242 натпревари, на кои постигнал 101 гол. Во сезоната 1946/47 година играл и за ФК “Партизан” од Белград во Првата лига на Југославија. Во 1942 година, играл за екипата на Македонија од Скопје. Покрај тоа, Јаневски бил и успешен тренер на ПАОК и Кавала во Грција, Хапоел од Израел, Вардар и др.

Јане Јаневски

Јане Јаневски

Второто место на оваа ранг листа и припаднало на атлетичарката на АК “Вардар”, Бистрица Крањец, подоцна Миркуловска. Во периодот од 1947 до 1952 година, во АК “Вардар” настапувала уште едена голема легенда на македонската атлетика, Бистрица Крањец, подоцна Миркуловска. За тие пет години, колку што се занимавала активно со атлетика, таа поставила  девет рекорди на Македонија во дисциплините: 100, 200, 800, 80 м. со пречки, скок во далечина, скок во височина и далечина, фрлање ѓуле и диск и рекорд во штафетата 4×400 метри заедно со Шекеринова, Фишиќ и Иванова. Својата атлетска кариера ја започнала во Женската гимназија во Скоје, расадник на голем број истакнати спортисти во Македонија. Уште како активен спортист, Бистрица се занимавала со пишување поезија, а подоцна станала и професор на Филолошкиот факулет во Скопје и добитник на повеќе општествени признанија.

Бистрица Миркуловска Крањец (десно)

Бистрица Миркуловска Крањец (десно)

Како третопласиран на оваа ранг листа се нашол атлетичарот на АК “Вардар”, Лазо Милошевски. Уште на самиот почеток на својата богата и успешна спортска кариера, во годините непосредно  по Втората светска војна, Лазо Милошевски го манифестираше својот раскошен талент, поставувајќи рекорди во дисциплините од 200 до 800 метри.

Уште во 1947 година, Лазо Милошевски станува член на југословенската репрезентација на Балканските игри во Букурешт (Романија). Во штафетата 4×400 метри освоил златен медал со балкански рекорд, додека на 200 метри го освоил 4 место.

На двомечот на атлетските репрезентации Италија – Југославија кој се одржал во 1948 година во Милано, го освоил првото место на 4×400 метри со нов југословенски рекорд.

На првенството на Југославија кое се одржало во 1950 година во Загреб, Лазо Милошевски настапил во својата најомилена дисциплина, 400 метри. Во оваа трка освоил златен медал и поставил нов македонски рекорд.

Кратко време Лазо Милошевски настапувал како член на „Црвена Звезда“ од Белград . Тогаш станал југословенски првак на 200 метри, а на 400 метри го освоил второто место.

Во 1954 година во Брисел, Лазо Милошевски бил првиот македонски спортист – учесник на едно Европско првенство. Тогаш на 400 метри успел да ја мине првата квалификација. Во

финалната трка  4×400 метри завршил на 5-то место. Наскоро, истата година го поставил

македонскиот рекорд на 400 метри со резултат од 49,6 секунди.

Лазо Милошевски

Лазо Милошевски

Покрај спотрските резултати на атлетската патека, Лазо Милошевски бил и уредник на Спортската редакција на Радио Скопје. Со својот магнетофон регистрирал многу  спортски настани, а низ етерот постојано струел неговиот глас.      Во знак на сеќавање на големиот атлетичар и спортски репортер, од 1965 година се одржуваше познатиот атлетски митинг  меморијалот „Лазо Милошевски“.

На четвртото место на ранг листата бил избран голманот на ФК Вардар, Тодор Георгиевски. Тој бил најзаслужен за освојувањето на титулата, младински шампион на југославија во 1949 година. Во 1961 година, настапуваше во финалето на Купот на Југославија меѓу екипите на “Вардар” и “Вартекс”, кога Вардар извојува победа со 2:1, и го освои Купот на Маршал Тито. Покрај фудбалот, Тодор Георгиевски беше и успеешен студент на Правниот факултет во Скопје, a работеше и како судија во Врховен суд на Македонија.

Тоде Георгиевски

Тоде Георгиевски

Мемо Сулејманов беше седмопласиран на ова ранг листа. Својата богата спортска кариера ја минал во АК “Вардар” во Скопје. Своите најдобри резултати ги постигнал на долгите патеки од 5000 и 10.000 метри.  На Државното поединечно првенство на Југославуја во маратон,   одржано на 23-24.VIII. 1946 година, го освоил II место, со време 2:47 минути.  Пласманот во оваа трка недвосмислено потврдува за квалитетите на овој атлетичар не само во рамките на Македонија, туку и во тогашните југословенски простори.

Значки на СД “Вардар” по повод 30 години од формирањето

Значки на СД “Вардар” по повод 30 години од формирањето

Мемо Сулејманов, во средина

Мемо Сулејманов, во средина

Уште еден атлетичар на АК “Вардар” бил меѓу првите десетпласирани спортисти. Се работи за Андреја Герасимовски-Швајн. Своите најдобри резултати ги постигнал во трките на 800 и 1500 метри, во кои ги поставил и републичките рекорди. Покрај успесите во Македонија, Герасимовски со голем успех настапувал и на државните првенства на Југославија. Своите најголеми резултати ги постигнал освојувајќи го првото место на 1.500 метри и во крос на 2.500 метри за јуниори.

За најдобра екипа во 1949 година, спред оваа анкета, бил прогласен младинскиот фудбалски  тим на”Вардар”, шампион на Југославија. Тренер на екипата бил Јане Јаневски, кој во исто време играл и за првиот тим. Четвртото место му припаднало  на првиот тим на  “ФК Вардар”, додека на шестото место беле атлетичарите на АК “Вардар”.

Младинскиот тим на Вардар во 1949 година

Младинскиот тим на Вардар во 1949 година

Младинскиот тим на ФК “Вардар, младинскиот шампион на Југославија во 1949 година играл во следниот состав: Георгиевски, Арсовски, Димовск, Дацевски, Хрстовски, Давидовски, Атанасовски, Стевчевски, Ивановски, Миланов и Миновски. Голем дел од овие играчи биле и дел од генерацијата која го освои првиот сениорски трофеј во 1961 година, Купот на Југославија.

sd20

Автор: професор Мирослав Бошковиќ