Tuesday ,03 December 2024
Последни:
Home > Историја > ОК Вардар Историјат

ОК Вардар Историјат

Одбојкарскиот клуб Вардар е најуспешниот клуб од нашето спортско друштво за време на Југославија. Постојан учесник на првата Југословенска лига од 1967 година се до распадот на Југославија (со исклучок на сезоната 1967/1968), шампион на Југославија во сезоната 1975/76, освојувач на купот во сезоната 1979/80, како и освојувач на четвртото место во одбојкарската лига на шампиони во сезоната 1976/77.

sostavОдбојката всушност претставува екипен спорт во кој Македонија имала најголеми успеси, со оглед на тоа што низ историјата неколку Македонски тимови се натпреварувале во првата лига. Во првата сезона во 1945 година, преставник на Македонија бил ОК Битола, тим кој испаѓа од лигата, по што Македонија чека 22 години за да добие своја екипа во најреномираната Југословенска лига.
Одбојкарскиот клуб Вардар во почетокот на 60-тите години почнува со селекција на младински состав кој понатаму би бил лидер во Југословенската лига. Во клубот се работи професионално, тренинзите се интензивни, организира турнеи во странство, а во 1961 година како шампион на Македонија, губи квалификации од Сараево за влез во првата Југословенска лига. Конечно во 1967 година Вардар се пласира во првата Југословенска лига, но завршува како последен и веднаш испаѓа во втора лига. Само после една година се враќа во првата лига откако во баражот е совладана екипата на Суботица и игра во истата се до распадот на Југославија. Како домаќин своите натпревари Вардар ги играл на повеќе различни локации, Дебито во првата лига е направено во салата во Чаир (во средното училиште Цветан Димов), потоа клубот дел од мечевите ги игра во салата на факултетот за физичка култура, во салата на Работнички во Градски парк, за на крај да игра во Кале. Своите златни години Вардар ги доживува во периодот меѓу 1973 и 1980 година. Младинците на Вардар предводени од великанот на македонската одбојка Владимир Богоевски, успеваат да станат младински шампиони на Југославија, а понатаму тој состав ќе остави трага и во сениорската одбојка.
Во сезоната 1975/76 ОК Вардар станува шампион на Југославија остварувајќи 22 победи во 26 натпревари

Шампиони

Шампиони на Југославија

Тимот е предводен од легендата на клубот, Таки Џиков. Тренерот Џиков со години ја правел селекцијата на шампионскиот тим и секако е главен виновник за успесите на клубот. Како професор по физичко во скопската гимназија Ѓорѓи Димитров, уште во средно училиште ги тренира двајцата лидери на сениорскиот состав Владимир Богоевски и Зоран Докузовски.
Во иднина станува селектор на сениорската репрезентација на Југославија со која ги освојува Медитеранските игри како и третото место на Европското првенство во Франција,
Најдобри на теренот се легендите на Македонската одбојка, Владимир Богоевски и Зоран Докузовски. Богоевски е своевремено и еден од најдобрите одбојкари во светот. Има одиграно над 200 натпревари во дресот на Југославија, на половина од нив ја има улогата на капитен, а се има закитено со бронзени медали на две Европски првенства, титула во првенството со Вардар, како и куп со Вардар, додека на фајнл форот во одбојкарската лига на шампиони во 1976/77 го освојува признанието за најдобар играч. Подоцна ги носи дресовите на Реал Мадрид и Барселона, а долги години работи и како тренер на Барселона.
Зоран Докузовски не ја има достигнато славата на Богоевски, но несомнено е еден од моторите на оваа златна генерација. Играч кој е опишан како голем работник на теренот, плејмејкер и столб на играта на Вардар. Настапува и за младинската репрезентација на Југославија, а до ден денеска има голема улога во нашиот одбојкарски клуб.
Трифун Трифуновски е спој на две генерации, како играч го освојува првенството на Југославија, додека во улога на тренер му ја носи титулата на Вардар во купот. Прв Македонец кој го носи дресот на Југословенската репрезентација заедно со Никола Донев, а интересно по професија е правник. Во дресот на Југославија има 58 настапи. Исто како и Богоевски и Докузовски, Трифуновски до денеска успева да му помогне на одбојкарскиот клуб на Вардар.
Останати членови на клубот се Сергеј Божиќ, Васко Кузмановски, Љубчо Зафировски, Борче Георгиевски, Миле Петковски и Илија Мојсов кој истотака настапува за младинците на Југославија.
Како шампион на Југославија Вардар добива шанса да игра во одбојкарската лига на шампиони, па дури настапите ги почнува директно од осмина финалето.
Во осминафиналето паѓа и првата жртва, Финскиот тим Пиексамаки.
Во Скопје Вардар победува со 3-0, додека во реваншот губи со 3-2 што е доволно за пласман во четвртфиналето.
Пласманот во фајнл-форот Вардар го обезбедува со победа над Ремберт од Белгија, тим кој е елиминиран со висока победа од 3-0 во Скопје. но е демолиран и во Белгија истотака со максимални 0-3.
Вардар може да жали што не доаѓа до медал во најсилното одбојкарско натпреварување, бидејќи само неискуството на играње во Европски мечеви е причината поради која не стигнуваме барем до третото место. Завршницата се игра во Финскиот град Пиексамаки, а учесници се ЦСКА Москва, ЦСКА Софија и Динамо Букурешт, екипи кои скоро целосно ја претствавуваат Советската, Бугарската и Романската одбојкарска репрезентација.
Во првиот меч против ЦСКА Софија, Вардар губи со 3-2 иако после три сета има водство 1-2. Резултатите по сетови се 9:15, 15:10, 10:15, 15:12 и 15:11. Со 3-2 губиме и од идниот шампин екипата на ЦСКА Москва, додека од Динамо Букурешт губиме со 3-1 (15:4, 9:15, 15:6, 15:4).
собирот на легендите на ОК Вардар после 35 години од освојувањето на титулите во Југославија.

собирот на легендите на ОК Вардар после 35 години од освојувањето на титулите во Југославија.

Џиков го напушта Вардар и тимот го превзема Трифуновски. Во меѓувреме Вардар дава уште три нови репрезентативци на Југославија, Александар Тасевски, Горан Србиновски и Горан Јанев. Добиваме конкуренција во скопскиот ривал Работнички кој истотака во овие години влегува во првата Југословенска лига, па токму во еден меч против Работнички Трифуновски става крај на кариерата. Во мечот одигран во 1978 година, Вардар слави со 3-1 против Работнички, а Трифуновски капитенската лента му ја отстапува на Владимир Богоевски. Во наредната сезона, како кормирал на Вардар, Трифуновски им го носи купот на црвено-црните.
Во осминафиналето Вардар го совладува Никшиќ со 0-3 (1:15, 8:15, 2:15), додека во четвртфиналето е елиминиран Металац од Сисак со 3:0 (15:4, 15:9, 15:5). Финалниот турнир се одржува во Скопје, а Вардар со максимални три победи убедливо го освојува купот.
Во Скопје паѓаат Рибница со 3:1 (18:20, 15:9, 15:10, 15:10), Партизан со 3:1 (9:15, 16:14, 15:9, 15:7) и ВГСК со 3:0 (16:14, 15:5, 15:9).
Дресот на Вардар го носат Зоран Докузовски, Миле Петковски, Александар Тасевски, Миливоје Младеновиќ, Горан Јанков, Владимир Богоевски, Мишо Ковачевиќ, Оливер Чолаков, Јошко Миленковски, Горан Србиновски, Ацо Митревски, и Живко Трпковски.
Благодарност за блогот “сд.вардар„ за остапениот матријал .

Leave a Reply