После подолга пауза време е за нова ракометна класика. Вечерва со почеток од 19:00 часот, Вардар гостува во “САП Арената „ кај екипата на Рајн-Некар, тоа е натпревар од 11.коло во најсилната група А.
И двете екипи се соочуваат со проблеми околу повредени играчи на овој дуел. Тренерот Парондо за денешниот натпревар нема да може да смета на услугите на Борозан, Фереира, Горбок, како и Оцвирк кој не отпатува со тимот. Така на позицијата лев бек остануваме со Дисингер, додека на среден бек ќе биде Скубе, додека Карачиќ ќе биде на помош и на двете позиции. Стоилов и Калараш ќе мора да го понесат сами товарот на пикерската позиција, но голема битка ги очекува и во одбраната, каде ќе морат да ги запрат противничките играчи. Гедбан се врати во составот за овој дуел, но сигурно дека прва алтернатива на голот е Дејан Милосављев, додека трета опција е младиот Кизиќ. На крилните позиции немаме проблеми, Дибиров и на овој меч ќе биде единствениот на позицијата лево крило. Што се однесува до домашниот тим, на денешниот меч нема да ги видиме репрезентативците, Штефан Фет, кој на мундијалот се повреди настапувајќи за Германија, како и Јеспер Нилсен, кој беше дел од селекцијата на Шведска, на СП.
Вардар има позитивен скор во дуелите со овој бундеслигаш. Ова ќе биде нивни десетти меѓусебен дуел во ЛШ, а пет победи има Вардар, додека Рајн-Некар славел во три наврати, додека еден меч завршил со нерешен резултат. Црвено-црните имаат позитивна традиција на гостувањето кај овој противник, двете најубедливи победи во меѓусебните натпревари, Вардар ги има остварено токму на гостински терен. Немаше многу време за подготовка за двете екипи, кои имаа свои играчи на Светското првенство. Рајн-Некар не одигра ниту еден меч оваа година, па така дуелот со Вардар ќе биде прв за нив во 2019 година, додека Вардар одигра еден натпревар во СЕХА-лигата, но и на тој натпревар бевме некомплетни и игравме со половина сили.
Нема многу математики и скриени карти во пресрет на вечерашниот меч, двете екипи многу добро се познаваат за да има некакви изненадувања. Најголема опасност по нашиот гол ќе доаѓа од Енди Шмид, како и од Менсах Ларсен, додека во одбраната ќе настапи поранешниот вардарец, се работи за Илија Абутовиќ. Се надеваме дека своја вечер нема да имаат голманскиот тандем, Апелгрен и Палицка, кои знааат да бидат незгодни доколку се разбранат, што само им ги отежнува работите на противничките екипи. Брза игра го краси тимот од Манхајм, но вардарци се подготвени да се надигруваат со бундеслигашот. Нијанси може да го решат овој меч, од кој победникот може многу да профитира.
Натпреварот ќе можете да го проследите на Арена Спорт 3. Вардарци ја имаат нашата поддршка, се надеваме на добра игра, квалитетен меч и секако победа за Вардар.