Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Седмерец од Охрид нова ракометна школа која ќе се натпреварува во “Јуниор“ лигата
Седмерец од Охрид нова ракометна школа која ќе се натпреварува во “Јуниор“ лигата

Седмерец од Охрид нова ракометна школа која ќе се натпреварува во “Јуниор“ лигата

Седмерец од Охрид е новата ракометна школа која во новата сезона ќе биде дел од “Јуниор“ лигата и од Академијата на Вардар. Тие се првата школа која доаѓа од Охрид и се приклучува на големиот проект на ракометниот клуб Вардар, кој ќе започне да функционира и постои во својата трета година. Охриѓани препознаа сериозен проект и можност каде нивните деца за прв пат ќе имаат можност да играат натпревари против други ракометни школи од цела Македонија. Условите кои ги нуди “Јуниор“ лигата, можноста за напредување, играње пред публика, дружење како и запознавање со ракометните екипи на Вардар биле повод за оваа школа биде дел од академијата на Вардар. За официјалната страна на Вардар, зборуваше тренерот на школата, Вардар Седмерец-Охрид, Борис Џутески.

-Имаме околу 50 членови, а работиме со деца на возраст од 5 до 14 години. Досега немаме учествувано на натпревари и затоа се одлучивме да се приклучиме во Ракометната академија Вардар. Таа ни нуди можност за учество на натпревари преку Вардар Јуниор лигата, како и турнирот ‘Еден живот, една љубов’, каде што децата ќе можат да ги покажат своите ракометни способности, а исто така ќе имаат можност да играат пред публика што ќе им биде поттик за постигнување на уште поголеми резултати во понатамошниот дел од кариерата. Потоа сериозната организација на овие проекти, патувањата и дружењата на децата, опремата и одличните услови беа причина повеќе да се одлучам за соработка со Ракометната академија Вардар, а со тоа и да бидеме дел од европскиот шампион Р.К Вардар и европскиот вицешампион Ж.Р.К Вардар.

“Јуниор“ лигата и соработката со Академијата на Вардар ќе им овозможи на оваа школа да го зголеми интересот кај децата од Охрид да играат ракомет и во иднина да се занимаваат со овој спорт.

-Соработката со Академијата, нам како школа, ни нуди можност да растеме и да се развиваме под брендот на актуелниот европски шампион Вардар, но пред сѐ за децата кои имаат талент, шанса да бидат забележани од скаути кои може да им помогнат преку вардаровите селекции да израснат во професионални ракометари. Сѐ уште не знаеме каков ќе биде интересот на родителите за учество во лигата, разговорите со нив допрва ми престојат. Од септември ќе продолжиме континуирано и напорно да работиме со децата, со исто темпо и квалитетна работа каде што застанавме минатата година, па ќе оставиме времето да го покажат своето, но се надеваме дека ќе создаваме квалитетни млади ракометни таленти.