Изминативе три дена, во периодот од 24-26-ти април, две ракометни генерации на Вардар беа дел од Меѓународен турнир-Завидовиќи 2015 во БиХ. Пионерите го освоија шестото место, забележувајќи две победи и три порази. Кадетите направија голем успех, со освојувањето на турнирот, каде остварија пет победи од исто толку натпревари.
-Најпрво да им заблагодарам на домаќините за гостопримството како и одлично организираниот турнир. Можеби ќе звучи нескромно, но навистина на сите натпревари ги декласиравме противниците на супериорен начин, како и што ја игравме целата полусезона во домашното првенство. Повторно борбеноста и колективниот дух беа на високо ниво и еден од предусловите за победничката серија. Транзицијата и овој пат беше на ниво каде ги постигнувавме повеќе од половина головите. Секако дека беше исполнет условот и за добра одбрана, каде Мирчев, Арсеновски, Николовски и Анастасовски го имаа главниот збор. Се на се , она што фали кај нас тоа се квалитетни натпревари кои ги добивме на овој турнир. Во целост ги исполнивме очекувањата, изјави тренерот на кадетите Зоран Петковски.
Ова е секако голем успех за овие млади момчиња, кои потребното искуство го добиваат токму преку вакви меѓународни турнири.
-Како може да помине еден турнир кога ќе го освоиш првото место, чуството е одлично. Што се однесува до прикажаната игра, задоволен сум од себе и своите соиграчи. Како во одбраната, така и во нападот бевме одлични. Иако бевме преморени од патот, бевме доволно мотивирани да ги победиме сите и тоа го исполнивме. Нашиот соиграч Алија, ја зема наградата за најдобар играч, која реално и ја заслужи. Презадоволен сум од целокупниот настап на турниров, изјави Антонио Николовски за Вардарфанс мк.
Звонко Ивановски