Престојниов викенд ќе се одигра и последното 14.коло во најсилните групи од Лигата на Шампионите, по што ќе биде познат конечниот пласман на табелата, како и осминафиналните двојки во најголемото натпреварување. За нас интересна е групата А, во која се натпреварува Вардар.
Вардар на домашен терен ќе ја пречека екипата на Монпелје, се работи за актуелен шампион на Европа и противник кој успеавме да го совладаме на негов терен, на почетокот на новата сезона. Важен дуел и за двете екипи, но Монпелје е во полоша ситуација, односно пораз на французите ќе значи и елиминација на Европскиот шампион уште во групната фаза. Вардар најпрво треба да си го одработи својот дел, односно да слави на утрешниот дуел, а потоа и да очекува евентулен пораз на Веспрем кој има тешко гостување кај екипата на Киелце, само така ќе завршиме на второто место во групата. Монпелје доколку загуби ќе треба да го сочека и исходот од натпреварот, Брест Мешков – Кристијанштад. Во случај на победа на белорусите , тоа ќе значи дека Брест Мешков ќе го освои шесттото место, доколку Кристијанштад слави ќе се направи круг од по три екипи, кои ќе имаат по 7 бодови.
Киелце се наоѓа во лоша серија од два порази, во Лигата на Шампионите, што значеше и губење на 3.место во групата А. Полскиот шампион ќе има тешка задача да оствари победа во дуелот со Веспрем, со оглед на големиот број повреди кои го пратат составот на Киелце. Последен на листата повредени се приклучи,левиот бек, еден од најдобрите, се работи за Михал Јурецки кој на мечот со Рајн-Некар заработи скршеница на метакарпалната коска и дефинитивно ќе го пропушти последниот меч од групната фаза. Од претходно познато е дека сезоната заврши за Даниел Душебаев кој мораше да замине на операција. Во составот за мечот со Веспрем треба да се вратат Циндриќ и Мамиќ, но прашање е колку ќе бидат подготвени да дадат максимум на овој натпревар, тука е и Душебаев кој активно тренира, сигурно дека ќе игра, но колку паузата од неколку меча ќе се одрази на него, останува да видиме во сабота, кога во истиот термин од 17:30 часот ќе започне и мечот, Киелце-Веспрем. Со вакви проблеми со кои се соочува Талант Душебаев, прашање е дали неговиот тим ќе може да се спротивстави на Веспрем, кој пак е комплетен и се наоѓа во добра форма, победи на последните три натпревари во ЛШ за избраниците на Дејвис.
Единствено што е јасно во пресрет на последното коло е тоа дека Барселона ќе го освои првото место и ќе обезбеди директен пласман во четвртфиналето. Барса има недостижни четири бодови пред екипата на Веспрем и нвиниот натпревар со Рајн-Некар нема никакво резултатско значење. Доколку Рајн-Некар победи, а Киелце загуби, тоа значи дека Рајн-Некар ќе заврши на четвртото место во групата, во случај на порази во последното коло и на Киелце и Рајн-Некар, четвртата позиција ќе ја освои Киелце, кој ќе има ист број на бодови со Рајн-Некар, но подобар меѓусебен дуел од бундеслигашот.
Интересен натпревар не очекува и во Белорусија, каде Брест Мешков е домаќин на екипата на Кристијаншад. Брест Мешков можеби е во најдобра позиција за продолжување на настапите во Лигата на Шампионите, со оглед дека игра на домашен терен, но тоа не им дава гаранција дека можат да завршат на шесттото место. Тренерот Каденас се соочува со проблем во пресрет на овој дуел, а тоа е неиграњето на рускиот репрезентативец, Александар Шкурински кој заработи фрактура на палецот, на минатиот меч против Веспрем, на кој неговиот тим беше поразен. Кристијанштад знае како е да се победува на гостински терен, а тоа најдобро го почуствува Монпелје кој пред својата публика беше поразен токму од шведскиот шампион. Шнасите на двете екипи за победата се изедначени, споменавме доколку Кристијанштад победи, а Монпелје загуби во Скопје тогаш ќе се направи круг од три екипи кои ќе имаат по 7 бодови, па ќе се одлучува кој е најдобар.
Навистина не очекува последно интересно коло во групата А, за некои екипи влогот е голем, а кој ќе излезе како победник, а кој како губитник, останува да видиме. Сите натпревари во групата ќе се одиграат во сабота, во терминот од 17:30 часот.