Thursday ,25 April 2024
Последни:
Home > Slider > Вардар против Брест Мешков за ново големо финале во СЕХА-лигата
Вардар против Брест Мешков за ново големо финале во СЕХА-лигата

Вардар против Брест Мешков за ново големо финале во СЕХА-лигата

Денес стартува завршниот турнир на најдобрите четири екипи од регуларниот дел на сезоната во СЕХА-лигата. Вардар ќе се обиде да стигне до ново големо финале и до нов трофеј во ова натпреварување.

Противник на црвено-црните ќе биде домашниот тим на Брест Мешков, екипа која досега се нема радувано на трофејот од СЕХА-лигата. Истиве екипи се сретнаа и во полуфиналето на Ф4 турнирот минатата сезона, кога домаќин беше токму Вардар, дуел кој го доби нашиот шампион, за во големото финале да го совладаме и ППД Загреб. Добро се познаваме со денешниот противник, а ова ќе биде нивно 18 меѓусебно соочување во Сеха-Лигата.Вардар е поуспешен со девет победи, на два пати мечот завршил со нерешен резултат, додека Брест Мешков се радувал на шест натпревари во дуелите со нашиот шампион. Оваа сезона веќе одигравме четири меча со тимот од Белорусија. Два беа во регуларниот дел од сезоната на СЕХА, каде Брест Мешков славеше во двата дуели, додека во рамките на најсилната група А од ЛШ, Вардар убедливо триумфираше на домашен терен, додека во истава сала каде вечерва ќе се одигра полуфиналето, одигравме со поделба на бодовите. Само за потсетување во истиов град и сала, Вардар пред две години стана освојувач на шесттото издание на СЕХА-лигата, што значи дека имаме добри спомени.

Двете екипи изминатиов викенд имаа натпревари во Лигата на Шампионите, па сигурно дека заморот ќе биде присутен и кај двата тима. Брест Мешков не се прослави многу во двомечот со Фленсбург, од кој беше елиминиран со голема разлика, додека Вардар беше супериорен во двомечот со Загреб и обезбеди пласман во следната елиминациска рунда. Брест ги има српските интернационалци, Дарко Џукиќ и Петар Џорџиќ, кои се најдобрите стрелци на тимот во ова натпреварување, додека Кисељев ја предводи листата на стрелци кај Вардар со вкупно 57 погодоци, потоа следат Чупиќ со 53 и Кристопанс со 52 голови. Кај двата тима ќе недостасуваат левите бекови, кај нас тоа е Вуко Борозан кој остана во Скопје, додека кај противникот се работи за Александар Шкурински.

Можеби Брест Мешков се гледа како мал фаворит поради домашниот терен и навивачите, но квалитетот е сигурно на страната на Вардар, кој се наоѓа во одлична форма во моментов. Доколку ние одиграме најдобро како што знаеме, тогаш сигурно дека Вардар ќе го гледаме во утрешното финале. Како увертира на овој меч, во првото полуфинале на турнирот ќе гледаме хрватско дерби, во кое ќе сретнат екипите на Нексе и ППД Загреб.

Пренос од вечерашниот натпревар на Вардар кој започнува од 19:00 часот можете да проследите на МРТ-1 и Арена Спорт 4.