Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > РК Асови-Вардар е дебитант во ракометната “Јуниор лига“ и дел од Академијата на Вардар
РК Асови-Вардар е дебитант во ракометната “Јуниор лига“ и дел од Академијата на Вардар

РК Асови-Вардар е дебитант во ракометната “Јуниор лига“ и дел од Академијата на Вардар

Стартуваше нова сезона во ракометната “Јуниор“ лига, а со тоа и многу натпревари, возбудувања и секако дружење. Оваа година ќе имаме можност да гледаме натпревари, освен Скопје и во другите градови низ Македонија со цел да се зголеми интересот за ракометот ширум целата земја. “Јуниор лигата“ им пружа можност на сите деца континуирано да играат натпревари, да стекнуваат спортски навики и да се гледаат како идни играчи во најдобрите клубови во Македонија и ширум Европа. Проектот кој е во целосна организација на нашиот клуб ги покрива сите работи кои се неопходни за нормално функционирање на лигата. Задоволството кај сите школи е несомнено големо, сите саакат да бидат дел од оваа приказна, која ги исполнува децата а истовремено им дава можност да ги покажат своите квалитети и знаења. Една од ракометните школи која се приклучи во новата натпреварувачка сезона е Асови-Вардар од Кичево. Во следниов текст ќе ве запознаеме со новата регионална единица во “Вардар Јниор“ лигата, тоа е школа која постои пет години и се обидува да создаде играчи. Зоран Андрески е еден од тренерите кој работи во РК Асови, тој ќе не запознае со тоа како функционира школата, со нивната историја, работата и приклучувањето во “Јуниор лигата“.

1. Колку години функционира ракометната школа Асови-Вардар ?

-Нашата Ракометна школа “АСОВИ-ВАРДАР” е формирана уште во 2011 и е една од првите формирани школи во нашиот град, која што почна професионално да функционира и до ден денес постојано расте во бројка на деца што тренираат. За почеток пред да ја формираме школата се занимававме аматерски, така и функциониравме.

2. Како дојдовте до идејата да формирате ракометна школа и што беше она што најмногу ве потикна да работите со деца ?

-Идејата за да се формира професионална школа беше моја, а воедно и на првите наши членови на кој што им предложив да почнат да тренираат континуирано, редовно да имаат тренинзи и да се натпреваруваат. И тоа се случи, идејата вроди со плод, почнавме со редовни тренинзи и интересот и мотивираноста за постигнување на резултати кај децата растеше од ден на ден. Почнаа да се интересираат и запишуваат и други деца бројката на ново запишани членови почна да расте и пополека како изминуваше периодот имавме одлична бројка на нови деца кој што сакаа да го тренираат спортот што во нашата држава е број еден.

3. Каков е интересот кај децата да играат ракомет и да бидат дел од вашата ракометна школа ?

-Ова е веќе петта година по ред како долгогодишна и докажана успешна школа што се занимаваме професионално. Вршевме уписи кој што сеуште траат за заинтересираните деца кој сакаат да ги уживаат убавините што ги дава овај спорт, а воедно да ги запознаваат и тајните на ракометот. Што се однесува до уписите оваа година сме презадоволни од интересот што го пројавија децата да го тренираат ракометот во нашата школа. Уписите се за деца од 5-15 години и машки и девојчиња.

vardarfans-najmalite-kategorii

4. Колку години функционирате и колкав е бројот на деца кои активно тренираат во РК Асови-Вардар ?

-Моментално броиме над 80 членови распоредени во 3 категории. Најголем акцент во работата ставаме на најмалите категории на деца од 5,6 и 7 годишна возраст кој за нас се можеби и најбитната категорија затоа што тука ја градиме основата. Преку најразлични видови на игри ги учиме техничките елементи, а воедно и ги развиваме сите моторички способности што за нив тоа е база за правилен раст и развој. Но секако не ги запоставуваме и децата од другите возрасни категории. Стручни лица т.е тренери кој што работат во нашата школа сум јас Зоран Андрески, и Сашка Андреска која што безрезервно ми помага при организација и оддржување на тренинзите .Тренинзите се одржуваат во градските сали “Јанчица” и “Христо Узунов”.

5. Како се случи да се вклучите во “Јуниор лигата“. Кои беа главните фактори кои ве решија да бидете дел од овој проект на ркометниот клуб Вардар ?

-Желбата за да се вклучиме во “Вардар Јуниор лигата“ беше моја. После проследените неколку натпревари во истата лига лани. Сериозната организација на овај проект, патувањата, дружењата, учеството на Зимскиот турнир, можноста на децата да учествуваат во селекците по категории во Вардар, опремата и одличните услови беа доволен доказ за да се одлучам за соработка со Ракометната академија ВАРДАР, а воедно и да бидеме дел од европските и светските гиганти Р.К ВАРДАР и Ж.Р.К ВАРДАР.  

6. Колкаво значење има една ваква лига за самите деца, што таа може да им понуди за нивниот развој ?

-На децата им се овозможува да се вклучат уште од најмалите возрасти во мини лига и во останатите категории, се со цел да се натпреваруваат и да ги усовршуваат нивните вештини во игра,а воедно имаат можност да ги покажат и човековите вредности. Токму тој потег кај нас донесе коренити промени, радост и мотивираност поголема кај членовите за постигања на поголеми резултати,а воедно и уште посериозно пристапување кон обврските за време на тренинзите. Всушност суштината на лигата е секое дете да игра и да напредува во својата возрасна категорија и на тој начин да ја почитува онаа спортска транзиција од најмладите категории па нагоре.

14724563_10209378177884479_5009505946552419386_n

7. Со колку возрасни генерации ќе се натпреварувате и колку сте задоволни од резултатите и прикажаната игра во првото коло од “Јуниор лигата“.

-Оваа година од школата “АСОВИ-ВАРДАР” се пријавија деца во категоријата 2004/2005 во две екипи машки и женски. Со оглед на тоа дека оваа година ни е дебитанска, очекувањата наши сепак се оптимистички. Веќе се одигра и првото коло во Вардар Јуниор лигата и беа забележани првите победнички резултати. И машката и женската екипа забележаа победи против децата од другите школи во нивната категорија. Нашите очекувања и визија за тоа како ќе изгледа за нас како дебитанти оваа лига, всушност беа задоволени одма после почетокот на првото коло.

8. Какво е чуството кај децата кои имаа за прв пат можност да играат натпревари пред публика ?

-Членовите учесници беа воедно и среќни и задоволни затоа што на повеќето од нив тоа беше и прв официјален натпревар во нивниот живот кој сигурно ќе им остави голема трага и секако ќе им биде поттик за постигнување на уште поголеми резултати во натамошниот дел од лигата.

Звонко Ивановски