Tuesday ,23 April 2024
Последни:
Home > Slider > Очекувана и рутинска победа против Извиѓач, за седма победа на Вардар во СЕХА-лигата
Очекувана и рутинска победа против Извиѓач, за седма победа на Вардар во СЕХА-лигата

Очекувана и рутинска победа против Извиѓач, за седма победа на Вардар во СЕХА-лигата

Вардарци очекувано стигнаа до седмата победа во СЕХА-лигата, откако вечерва славеа во дуелот со екипата на Извиѓач. Натпреварот во позитивна смисла го искористија играчите кои малку ги гледаме на мечевите од Лигата на Шампионите.

Во текот на целиот меч имавме водство, а гостинскиот тим само еднаш и тоа во 3.минута успеа да го израмни резултатот. Од тие моменти избраниците на Парондо направија серија од 4:0 и успеаа да поведа со 5:1. Очекувано шанса во стартниот состав добија играчите со помала минутажа во Лигата на Шампионите, секако тоа не се однесува на Карачиќ, Калараш и Дисингер, но затоа на крилните позиции беа Поповски и Недановски, додека во нападот започнаа Дисингер и Кисељев, а на денешниот дуел поштеда доби и Алжирецот, Калифа Гедбан. Шпанскиот стратег на клупата на Вардар им даваше шанса на сите играчи, кои беа во составот за денешниот дуел, а меѓу нив беа и Мишевски, Војводич и Оцвирк. Токму со погодокот на Јана Војводиќ, црвено-црните на средината од првото полувреме имаа најголема предност од шест голови разлика (10:4). Одличен на голот беше Дејан Милосављев кој спречи неколку зицер одбрани на противникот, а првиот дел го заврши со дури осум успешни одбрани. Добра минутажа во одбраната доби и најмладиот на денешниот натпревар, Мишевски кој знаеше како да ја искористи пружаната шанса, а во еден дел од мечот имаше и одлична асистенција до Стоилов, кој истата ја круниса со гол. Желен за докажување беше и словенецот, Оцвирк кој во првите 30 минути постигна два гола, од кои вториот беше за предност од 18:12. До крајот на првиот дел само ја зголемувавме предноста, а полувремето заврши со погодок на Чупиќ од контра-напад, кој со својот втор гол во овој дел од мечот му донесе водство на Вардар од 21:13 на одмор.

Во игра во вториот дел ги видовме, Скубе како и Дибиров кои се загреваа за саботниот меч против Киелце. Токму со голот на Скубе започна вториот дел за веќе да имаме убедливи девет гола позитива, а исто толку одбрани во тој момент имаше и Милосављев на нашиот гол. Поповски за прв пат донесе и двоцифрена предност од 23:13 после само три минути игра во вториот дел. Откако гостинскиот тим направи серија од 1:3 и го намали резултатот, следеа три последователни голови на Вардар за во 38 минута повторно да имаме двоцифрена предност. На голот е и младиот 17 годишен Марко Кизиќ кој веднаш ја бележи својата прва одбрана. Одлично издание и на Оцвирк кој веќе стигна до своите три гола, од вкупно четири обиди кон голот на Извиѓач, за водство на црвено-црните од 31:19 на 15 минути до крајот на дуелот. Нова одбрана вкупно четврта за Кизиќ на голот на Вардар, а одлична акција за нашиот шампион, преку Оцвирк и Стоилов, кој со гол ја заврши Недановски. Гледавме брза игра од страна на Вардар кој рутински ги одработуваше последните десет минути од дуелот. Браво за младите Кизиќ кој брани зицер удар, како и за Оцвирк кој постигна ефектен гол. На крајот победа изразена со резултат 38:27.

Оцвирк, Војводиќ и Кисељев имаа по 6 голови. На голот Милосављев со 11 и Кизиќ со 6 одбрани. Ова беше седми трумф во СЕХА, следниот меч е во сабота против тимот на Киелце, во истава сала.