Friday ,29 March 2024
Последни:
Home > Slider > Познати противниците на Вардар, на турнирот во Требиње, како и распоредот на одигрување натпревари
Познати противниците на Вардар, на турнирот во Требиње, како и распоредот на одигрување натпревари

Познати противниците на Вардар, на турнирот во Требиње, како и распоредот на одигрување натпревари

Европскиот ракометен шампион на 24.јули ги стартува подготвките за новата натпреварувачка сезона. Црвено-црните седум дена ќе тренираат во Скопје, по што ќе заминат на подготовки во градот на сонцето, во Требиње, каде ќе останат во периодот од 2-12.август.

Во периодот од 9-11.август, вардарци ќе одиграат турнир, во организација на градот Требиње и клубот Леотар. На турнирот учество ќе земат шест екипи, поделени во две групи. Веќе се познати групите, како и распоредот на одигрување натпревари.

Вардар ќе биде дел од групата А, во која се уште и екипите на Борац од Бања Лука и тимот на Леотар од Требиње. Групата Б ја сочинуваат екипите на Металопластика, Бутан Изола од Словенија и Извиѓач од БиХ.

На 9.август ( петок) ќе започнат натпреварите на турнирот, а Вардар во првото коло ќе се сретне со тимот на Борац, натпревар кој стартува од 15:00 часот. Во 20 и 30 часот е предвидено да се одржи церемонијата за свечено отварање на турнирот. Истиов ден, во вечерниот термин од 21:00 часот, црвено-црните ќе го одиграат и вториот меч на турнирот, против екипата на Леотар.

Во сабота, односно на 10.август, нашиот тим ќе биде слободен и ќе нема мечеви на турнирот. На последниот натпреварувачки ден ќе се одиграат мечевите за конечен пласман. Првопласираните од двете групи ќе се борат за трофејот на турнирот, додека второпласираните ќе играат за третото место, а оние кои ќе бидат трети во групата, ќе играат за пласман од 5-6.место.