Изминатиов викенд се одигра претпоследното 13 коло, во рамките на најсилната група А. Победи забележаа екипите на Нант, Пик Сегед, Рајн-Некар и Барселона.
Вардар го доживеа вториот пораз во најсилната група А, откако на гостински терен беа поразени од тимот на Нант, кој водеше во текот на целиот натпревар. Французите имаа и највисоки осум голови, за во последните десет минути, црвено-црните целосно да се вратат во мечот и да стигнат до само еден гол негатива, но немаше време за поголем пресврт. На крајот, конечен резултат од 27:26. Извештај од овој натпревар, на линкот, ТУКА.
ППД Загреб пропушти голема шанса за победа, која на коло пред крајот можеби ќе и донесеше пласман во осминафиналето. Избраниците на Сарачевиќ немаа сили за 60 минути на натпреварот против Пик Сегед кој се играше во Унгарија, иако одиграа одлично прво полувреме, во кое имаа предност од четири голови. Од самиот почеток на мечот имаа водство и контрола на резултатот, а со головите на Миклавчиќ и Хорват стигнуваат до водство од четири голови разлика. Пред самиот крај на првото полувреме, екипата на Загреб со мини серија од два гола имаа и највисоки пет голови предност. По првото полувреме, гостинската екипа на одмор замина со солидно водство од 11:15.
И на стартот на второто полувреме, Загреб ја одржуваше предноста и не дозволуваше Пик Сегед за брзо време да се врати на натпреварот. Сепак како одминуваше натпреварот, доаѓаше до пад во концентрацијата на гостинот, а Пик Сегед наметна силно темпо, сврза неколку последователни голови и во 46 минута го израмни резултатот на 23:23. Направија и целосен резултатски пресврт избраниците на Пастор, за истото да го зачуваат и во следните пет минути, кога Загреб постигна два гола во серија и повторно стигна до предност од 26:27. Сепак во последните пет минути, повеќе сила за игра имаше домаќинот, кој успеа да постигне четири наспротив само еден на Загреб, за конечен резултат од 30:28.
Кај победникот, Шоштариќ постигна 10, додека кај ППД Загреб, капитенот Хорват беше стрелец на 11 голови. Во последното коло Загреб сам си ја решава судбината, за освојување на шесттото место, со оглед дека на домашен терен го пречекуваат тимот на Кристијанштад.
Шанса за триумф на домашен терен пропушти и екипата на Висла Плок, која е во “грчевита“ борба за пласман во следната елиминациска рунда. Тие пред својата публика доживеаа пораз од екипата на Рајн-Некар. Гледавме интересно и израмнето прво полувреме, во кое двете екипи се менууваа во водство, за по истекот на првите 30 минути, екипата на Висла да има минимално водство од 15:14. Голем пад во играта во вториот дел на домаќинот, за разлика од бундеслигашот кој ја покажа сета своја сила и како одминуваше мечот се повеќе резултатски се одлепуваше од противникот. На крајот “лавовите“ победија со конечен резултат од 27:32.
Крилото Сигурдсон го предводеше Рајн-Некар со 10 голови, додека кај Висла Плок се истакна Гионеа со 6 голови. Висла ќе има тешка задача за пласман во осминафиналето, со оглед дека во последното коло гостува во Јане Сандански на екипата на Вардар, која се бори за првото место во групата, додека Рајн-Некар на домашен терен го пречекува Нант, ден порано од мечот помеѓу, Вардар – Висла Плок.
Во борба за позицијата која носи пласман во осминафиналето е и екипата на Кристијанштад, која загуби на домашен терен од тимот на Барселона, која пак остана во борба за второто место на табелата, во пресрет на одигрување на последното коло. Во најголем дел од мечот, избраниците на Чави Пасквал имаа предност, која на полувреме беше три голови предност (8:11). Во второто полувреме, Барса имаше контрола на резултатот и ниту во еден момент не му дозволи на домашниот тим, посериозно да се доближи. На крајот славеа со резултат 21:26.
Кај Барселона најефикасен Дика Мем со 5 голови, додека кај Кристијанштад најдобар на теренот беше Торе Нилсен со 6 голови. Во последното коло, Барса е домаќин на Пик Сегед.
Како изгледа табелата во пресрет на последното 14 коло:
1. Вардар 20
2. Нант 19
3. Барселона 18
4. Рајн-Некар 16
5. Пик Сегед 13
6. Висла Плок 6
7. ППД Загреб 6
8. Кристијанштад 6