Изминативе денови се одигра првото коло во најсилната група Б од Лигата на Шампионите. Победи на стартот од сезоната забележаа Вардар, Веспрем и Порто, додека Кил и Киелце ги поделија бодовите.
Европскиот Шампион стартуваше со триумф на тешкото гостување кај екипата на Монпелје. Целиот извештај од мечот, можете да го прочитате на линкот, ТУКА.
Дербито на групата се играше во Германија, каде Кил беше домаќин на тимот на Киелце. Во еден неизвесен меч во кој и двете екипи постојано се менуваа во водство, на крајот сепка мечот заврши со нерешен резултат. Во првото полувреме и двете екипи имаа свои добри периоди на игра и предност, која не надмина повеќе од два гола разлика. Кил имаше водство од 6:4, но Киелце влезе во серија од три погодоци и поведе со 6:7. Последната предност домашниот тим ја имаа на средината од првото полувреме, кога резултатот беше 9:8, додека до крајот на првиот дел, избраниците на Душебаев беа тие кои беа во водство, во еден момент беше 12:14, а на полувреме се замина со резултат 14:15.
На стартот од вториот дел, Киелце ја врати предноста од два гола, но избраниците на Јиха имаа добар период во својата игра, кога успеаа да поведат со 20:18. Киелце не помисли да се предаде, гледавме нови израмнувања, беше и 25:25, за Кил повторно да се одлепи на 27:25. Дефинитивно, бундеслигашот треба да жали што не победи, имаа предност од еден гол, во последните 8 секунди не успеа зицер удар да реализира Зарабец, односно Волгф го брани неговиот удар, по што беше повикан тајмаут од клупата на Киелце. Во четири секунди, полјаците успеаа да ја пренесат топката од својата половина, Карачиќ додаде до Душебаев, овој беше прецизен, но и побрз од сирената, на крајот сепак конечни 30:30.
Билик кај Кил постигна 7 голови, додека кај Киелце се истакнаа Душебаев и Кулеш со по 5 голови.
Веспрем немаше проблеми на стартот од сезоната и очекувано славеше во дуелот со екипата на Мотор Запорожје. Гостинот од Украина имаше само едно водство и тоа на почетокот за 0:1, по што Веспрем направи серија за 4:1. До крајот на дуелот беа постојано во водство, разликата во првиот дел најмногу достигна до четири голови, со кои и се замина на полувреме (17:13). Се беше јасно на стартот од вториот дел, кога избраниците на Дејвис со серија од 4:0 се одлепија на недостижни 21:13. Остатокот од мечот беше само рутина за тимот на Веспрем, прашање беше само со кој резултат ќе заврши мечот. Имаа и двоцифрена предност, додека Мотор немаше сили да се надигрува во арената на Верспрем. На крајот голема победа, изразена со резултат 40:28.
Гајиќ и Тонесен беа најефикасни во победничкиот тим со по 6 постигнати голови.
Екипата на Порто покажа дека ќе биде тврд „орев“ за сите противници во групата, а тоа го почуствува во првото коло екипата на Брест Мешков, иако белорусите го изгубија дуелот во второто полувреме. Интересно, екипата на Брест Мешков беше во водство во текот на целото прво полувреме.имаа и високи 7:14, за на одмор да заминат со резултат 9:15.
На стартот од вториот дел поведоа и со 9:16 и тука како да застанаа. Ново лице од Порто гледавме во второто полувреме, додека Брест одигра лошо, па на крајот мораше да се помири со поразот. Имаа белорусите и пет гола разлика (13:18), а домашниот тим понатаму влезе во голема серија од дури 10:2, за комплетно да го свртат мечот и да имаат предност од 23:20. Падна Брест Мешков и психички, едноставно се што градеше цели 40 минути, им се сруши, за на крајот без бодови да заминат од гостувањето во Португалија. Порто беше тимот кој славеше победа со резултат 27:25.
Кај Порто најефикасен беше Брангуино со 8 голови, додека Џукиќ постигна 10 кај екипата на Брест.
Двојките за следното, второ коло во групата Б се следниве:
Вардар – Порто
Киелце – Мотор Запорожје
Мешков – Монпелје
Веспрем – Кил