Во сабота и недела продолжуваат натпреварите за младинските екипи на ракометниот клуб Вардар.
Во сабота со почеток од 11 часот на Кале ќе се одигра машкото дерби во конкуренција на пионери, помеѓу екипите на Вардар и Металург. Избраниците на Андријана Будимир после четири одиграни кола имаат три победи и еден нерешен резултат. Металург е прв на табелата со максимален број на освоени бодови.
Дерби и во рамките на младинската група 2, помеѓу Вардар Јуниор и Металург. Мечот е закажан да се одигра во сабота на Кале со почеток од 13 часот. Избраниците на Пепи Манасков имаат слаб старт на сезоната, забележувајќи само една победа и два порази. Ова ќе биде вистински тест за нив и проверка на можностите за оваа екипа на Вардар.
Младинците на РК Вардар ќе се обидат да ги “залечат“ раните од поразот против Работнички во минатото коло. Пред нив стои нов предизвик во групата 1 и тоа гостување во Битола против екипата на Еурофарм Работник. Мечот се игра денес во Битола од 19:30 часот.
После стартната победа против Пролет 62, кадетите на Вардар во рамките на второто коло се домаќини на екипата на РК Бисинов. Овој меч ќе се одигра во недела на Кале од 11 часот.
Пионерките на РК Вардар во рамките на второто коло се домаќини на екипата на Стружанка. По воведната убедлива победа против Чаир, избраничките на Ристова и Пецевска одат на втор триумф. Дуелот со Стружанка се игра во сабота на Кале од 13 часот.
Младинките на Вардар СЦЈС во третото коло ќе бидат домаќини на екипата на Делчево. Натпревар кој е закажан да се одига во недела на Кале од 13 часот. По нерешениот резултат против Металург и поразот од Ѓорче, нашите младинки ќе атакуваат на првата победа во лигата.
Во рамките на првата ракометна лига, слободна е екипата на РК Вардар 2 која се наоѓа на првото место на табелата.