Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > РК Вардар од денес отвара ракометна школа во ОУ „Владо Тасевски“
РК Вардар од денес отвара ракометна школа во ОУ „Владо Тасевски“

РК Вардар од денес отвара ракометна школа во ОУ „Владо Тасевски“

Ракометниот клуб Вардар формира нова регионална ракометна школа во која младите ќе можат да ги учат ракометните вештини. За сите кои сакаат да се дел од големото црвено-црно ракометно семејство во информацијата се вели:

Биди и ти дел од најдобрите и приклучи се во новата ракометна школа на Вардар во основното училиште „Владо Тасевски” во Скопје. Новата школа, која ќе биде дел од Ракометната академија Вардар, почнува со работа од 28 октомври, понеделник. Вршиме уписи за момчиња и девојчиња родени 2008 година и помлади.

Ова е втора вардарова школа во Скопје, што ќе функционира директно под Ракометната академија Вардар, како дел од двојниот европски првак. Веќе шест години успешно работи и школото Кисела Вода Вардар, каде децата од најмала возраст ги совладуваат ракометните вештини.

Тренер во новата школа на Вардар е Билјана Пецевска, која веќе работи со децата во Кисела Вода Вардар. Сите информации за функционирањето на школата може да ги добиете од тренерот Пецевска – мобилен контакт 078 345 – 687.

„Имаме одлично искуство со децата во Кисела Вода Вардар, дел од нив се веќе неколку години во нашата школа и се многу посветени на тренинзите и комплетно се внесуваат во ракометните натпревари кои им ги организира Ракометната академија Вардар. За помладите организираме тренинг со многу игра и обмислена забава за да ја подобриме моториката. Сакаме тоа искуство да го пренесеме и на децата кои живеат во Карпош, Козле и Тафталиџе, и од другите скопски населби, односно, сите деца, кои го сакаат ракометот и сакаат да бидат дел од најдобрите – од Вардар, се добредојдени. Со децата од Кисела Вода Вардар учествувавме и на турнирот што месецов го организираше Ракометната академија Вардар, а веќе се подготвуваме и за редовните натпревари што се организираат во текот на школската година, како дел од Вардар Јуниор лигата”, вели тренерот Пецевска.

Школата почува со работа во понеделник, 28.10.2019, во 18 часот со одржување на првиот тренинг. Тренинзи ќе се одржуваат двапати неделно, и тоа во понеделник и среда од 18 до 19 часот.

Сите деца кои тренираат во школите на Ракометната академија Вардар во месечната членарина добиваат тренинзи – двапати неделно, натпревари во текот на сезоната, опрема Hummel – дрес, шорц, маица за тренинзи, маица со дизајн, чорапи и торбица, како и 30% попуст во Вардар Фаншоп и бесплатен влез на натпреварите од СЕХА лигата, домашното првенство и Купот.