Екипата на РК Вардар очекувано се пласираше во финалниот дуел за пласман во полуфиналето на купот. Денес во големата сала на С.Ц. Јане Сандански, црвено-црните беа подобри од екипата на Прилеп.
Натпреварот со гол го отвори Чупиќ, за веднаш после него да погодат и Мишевски, како и Дибиров, додека првиот погодок прилепчани го постигнаа во 5.минута за намалување на 3:1. На голот на Вардар започна Марко Кизиќ кој стигна набрзина и до две одбрани. Ова беше рутински меч за вардарци, кои пред почетокот на дуелот важеа за големи фаворити. Следеше наша нова серија од 6:1, откако погодувавме преку Дибиров, Кисељев, додека три гола во серија постигна и Иван Чупиќ, за веќе убедливи 9:1, додека на вториот гол Прилеп чекаше до 11 минута кога го намали резултатот. Кизиќ беше одличен на голот, вече стигна и до својата седма одбрана, додека со погодокот на Дибиров имавме и предност од 12:3 во 13 минута од мечот. Пет минути подоцна стигна и двоцифрената предност од 15:5, со голот на Кисељев, додека Дибиров зголеми и на 16:5. Следеше период кога гостинската екипа направи мала серија и намали на 17:8, но вардарци повторно влегоа во ритам и со головите на Стоилов и Горбок поведовме со 20:8. По истекот на првите 30 минути бевме во предност од 23:11.
Во вториот дел на теренот ги видовме младите Савревски, Димчевски, Калајџиески, Грујовски и Димитријевски. Прилеп го постигна првиот гол во овој дел од мечот, додека во нашиот втор напад погоди Давид Савревски. Серијата за црвено-црните продолжи со головите на Грујовски, како и на Калајџиески и Димитријевски за резултат 27:12 во 36 минута, додека двојна одбрана забележа и Марко Кизиќ. Вардарци успешно ја одржуваа оваа позитива, со нови голови на крилата Димитријевски и Калајџиески имавме предност од 33:16 во 42 минута од дуелот. Во наредните 13 минути, Вардар постигна 7, додека Прилеп само 3 гола, па резултатот на семафорот беше 40:19 на пет минути пред крајот. Конечниот резултат на овој дуел гласеше 45:21.
Најефикасен беше Калајџиески кој постигна 9, додека Дибиров беше стрелец на 7 гола. Дамјан Димитријевски постигна 6 гола.
Во финалниот дуел на 1/4 финалната група ќе играме со победникот од дуелот помеѓу екипите на Струга и Металург 2.