И овој пат, атмосферата на тренингот се промени кога децата го видоа гостинот, поранешна репрезентативка на Македонија и тренер на женскиот состав на Вардар, Драгана Ристова. Таа е и сестра на нивниот тренер Билјана Пецевска, и пред неколку години двете заедно работеа со младинската женска селекција на Вардар. Искуството од заедничка работа со млади категории се забележа и на овој тренинг преку усогласеноста меѓу тренерите. Но, најсреќни беа децата.
„Тие веќе го сакаат ракометот и искрено, детски се забавуваат додека тренираат. Најубаво е што несвесно, со насмевка учат и го применуваат тоа што им го покажувам и објаснувам. Кај сите е заедничка желбата да знаат повеќе. Да научат повеќе. Ракометот, како и секој спорт им дава на децата избор да не се постојано пред мобилни телефони или таблети, да растат здраво и во дружба со своите врсници- вели Драгана Ристова.
Термините за тренинг во школата Кисела Вода Вардар се секој вторник и четврток од 17.30 часот за децата родени 2010 година и помлади, а од 18.30 часот за децата родени 2008/09. Тренинзите се одржуваат во основното училиште „Партеније Зографски”.