Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > Slider > Рутинска победа за Вардар Јуниор во дуелот со ГРК Борец
Рутинска победа за Вардар Јуниор во дуелот со ГРК Борец

Рутинска победа за Вардар Јуниор во дуелот со ГРК Борец

Екипата на Вардар Јуниор успеа да слави на натпревар од 6.коло во плеј-аут фазата во Супер лигата, откако во малата сала на С.Ц. Јане Сандански ја совладаа екипата на ГРК Борец.

Избраниците на Петрушевски тргнаа фуриозно на овој дуел, на кој ги постигнаа првите четири голови, откако противничката мрежа ја погодија Карапалевски, Ѓорѓиев, Атанасовски и Јанковски, додека на првиот гол гостинскиот тим од Велес чекаше дури 7.минути. Вардарци во целост ја оправдаа фаворитската улога на овој дуел, едноставно квалитетот беше на нивна страна, па немаа проблеми да го контролираат резултатот. Во листата на стрелци се запиша и Димов, додека со нов погодок на Карапалевски имавме водство од 7:1 во 11 минута, за во следната минута, Борец да го постигне својот втор гол и да намали на 7:2. Во 14 минута од мечот, Борец беше во негатива од само шест голови, за Вардар Јуниор да направи нова серија и со погодокот на Јанковски да зголеми на 13:5 во 17 минута. Истата позитива од осум голови ја имавме и во 20 минута, кога резултатот на семафорот беше 15:7, како и во 26 минута, кога погоди Карапалевски за 18:10. Последните минути од првиот дел ги одработивме рутински, со голот на Анѓелковски за прв пат на мечот стигнавме до двоцифрена предност и од 21:11, додека во својот последен напад гостинскиот тим го совлада нашиот голман, Анѓеловски, за резултат од 21:12 на полувреме. На голот на Јуниор започна Андреј Петковски кој имаше и неколку одбранети удари.

Вториот дел започна со двојна одбрана на Анѓеловски Јоаким кој одлично го замени Петковски на нашиот гол, додека првиот гол за нашиот состав во овој дел од мечот го постигна Никола Цветаноски за 22:12. Дарко Трајковски во два наврати немаше среќа, најпрво од игра, а потоа и од пенал ја погоди пречката од голот на Борец, затоа гостинот од Велес сврза два гола и намали на 24:17, додека серијата ја прекина Карапалевски, кој зголеми на 25:17. Мало олабавување во нашите редови, откако Борец успеа да намали на шест гола негатива (26:20) в0 43 минута, што беше знак за тренерот Петрушевски да повика тајмаут. Игор Ѓорѓиев беше играчот кој ја прекина нашата лоша серија и зголеми на 27:20. Истава позитива од седум голови ја имавме и во 51 минута кога резултатот на семафорот беше 31:24. До крајот немаше поголеми возбудувања, Вардар Јуниор славеше со резултат 39:29.