Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Slider > Што беше актуелно на првиот тренинг на Вардар, ги нема Поповски и Гедбан, Стоилов е во период на рехабилитација, кој ќе биде помошникот на Писонеро
Што беше актуелно на првиот тренинг на Вардар, ги нема Поповски и Гедбан, Стоилов е во период на рехабилитација, кој ќе биде помошникот на Писонеро

Што беше актуелно на првиот тренинг на Вардар, ги нема Поповски и Гедбан, Стоилов е во период на рехабилитација, кој ќе биде помошникот на Писонеро

Европскиот ракометен шампион стартуваше со подготовки за новата натпреварувачка сезона. Екипата во наредните седум дена ќе тренира во Скопје, а на 2.август ќе замине во Требиње, каде ќе го одработат главниот дел од подготовките.

На првиот собир беа присутни сите нови засилувања на црвено-црните во новата сезона, на чело со Давид Писонеро. Од староседелците недостасуваа, десното крило, Мартин Поповски и бекот Марко Мишевски, кои според информациите нема веќе да биде дел од Вардар, како и Калифа Гедбан кој треба да пристигне од Алжир. Моментално на подготовките има само еден голман, тоа е новото засилување, летонскиот репрезентативец, Артурс Кугис, додека младиот Марко Кизиќ кој ќе биде трета варијанта во тимот, ќе ги пропушти подготовките со првиот тим, со оглед дека се наоѓа на подготовки со кадетската репрезентација, која ја очекува настап на светското првенство, во Скопје, во периодот од 6-18.август.

Подготвителниот турнир во Требиње ќе го пропушти и капитенот, Стојанче Стоилов, кој на крајот од изминатата сезона правеше операција на менискусот, па тој се наоѓа во период на рехабилитација, кој тече добро. Стоилов нема да може да му помогне на тимот, ниту на Супер Глоуб Купот, единствениот трофеј кој недостасува во витрините на црвено-црните, додека треба да биде подготвен за стартот на сезоната во Лигата на Шампионите.

Со екипата на подготовки ќе замине и левиот бек од Вардар Јуниор, се работи за Дејан Кукуловски, единственикот кој доби шанса од младите да биде на подготовки со првиот тим. Затворен е и списокот, што се однесува до нови имиња во редовите на Вардар, така да со моменталните сили ќе тргнеме во одбрана на трофеите, освоени минатата сезона.

Во наредниот период треба да се знае и лицето кое ќе му помага на Писонеро, на клупата на Вардар, со оглед дека Билјана Црвенковска е прекомандувана во женската екипа на клубот. На вчерашниот тренинг кој се одржа на фудбалскиот терен во населбата Јане Сандански, присутен беше и Александар Царчев, тренерот на голмани во женскиот тим, како и во младинските екипи на Вардар, човек кој го познава шпанскиот јазик и кој беше мал период и заедно со Раул Гонзалез, до моментот кога во Скопје пристигна и Давид Дејвис, како помошник на Раул.

Секако одговор на ова прашање ќе добиеме и во наредниот период, па може да се каже дека ќе бидеме комплетни во походот кон нови успеси.