Tuesday ,07 May 2024
Последни:
Home > Slider > Уште 60 минути не делат до нов историски пласман во Келн, момци оставете срце на терен
Уште 60 минути не делат до нов историски пласман во Келн, момци оставете срце на терен

Уште 60 минути не делат до нов историски пласман во Келн, момци оставете срце на терен

Остануваат уште 60 минути борба за вардарци, кои треба да го потврдат пласманот на завршниот турнир во Келн.

Црвено-црните имаат висока предност од осум голови разлика, која ја стекнаа на првиот меч одигран во Скопје, разлика која ни дава голема шанса да го елиминираме Пик Сегед, но и голема претпазливост со оглед дека Унгарците уште од првата минута ќе фрлат се на една карта.

Што се однесува до составите нема промени и кај двете екипи, кои ќе излезат со своите најрасположливи сили кои ги имаат во моментов. Тренерот Парондо повторно ќе нема многу избор на ротација што се однесува до бековските позиции, на кои се очекува товарот да го понесат, Карачиќ, Скубе и Кристопанс, додека Горбок очекуваме да биде од помош на левата бековска позиција. Токму гореспоменатите играчи беа едни од клучните за високиот триумф на првиот дуел во Скопје, секако и со голманската поддршка од Дејан Милосављев, кои се надеваме дека повторно ќе има свој блесок и на вечерашниот дуел.

Што се однесува до Пик Сегед, тие изминатиов период беа актуелни преку медиумите во Унгарија, кои најавуваат дека нема да се предадат и се додека постојат шанси ќе се обидат да изненадат и да ја анулираат онаа негатива од осум голови. За тоа како ќе се одвива овој меч, многу е важен стартот на натпреварот, односно првите 2о минути од мечот, период во кој не смееме да дозволиме противникот да земе сила и да се понадева дека може да ја стигне нашата предност.  Сигурно дека не очекува нова голема и машка борба, како што доликува на две екипи кои се борат за пласман на Ф4 турнирот во Келн. Сите карти се отворени, нема сигурно да има некои изненадувања во однос на тактичката поставеност од страна на двата шпански стручњаци.

Времето ќе работи за црвено-црните, кои имаат навистина добра предност и кои треба само да ја сочуваат. Во една изјава за нашите медиуми, тренерот Гарсија Парондо истакна дека во овој дуел ќе стартуваме како да е резултатот 0:0 и дека ќе одиме на триумф и на овој дуел. Вардарци покажаа дека се желни за ново учество на завршните турнири, што ќе биде за нив трето по ред и нова можност да се освои Европската титула. Да се надеваме дека вечерва ќе излеземе уште помотивирани и дека ќе го оставиме срцето на терен, за сите вардарови навивачи и цела Македонија која ќе се израдува на нов голем успек на нашиот ракометен колектив и најголем спортски бренд во земјава.

Натпреварот стартува од 19:00 часот со директен пренос на Арена Спорт 5. Се надеваме дека вечерва ќе славиме нов пласман во Келн и дека ќе им приредиме нов неверојатен пречек на нашите ракометари.