Tuesday ,23 April 2024
Последни:
Home > Slider > РК Вардар со победа против Пролет ја започна одбраната на шампионската титула
РК Вардар со победа против Пролет ја започна одбраната на шампионската титула

РК Вардар со победа против Пролет ја започна одбраната на шампионската титула

Вардар со победа го започна плеј-офот во супер лигата, откако на домашен терен ја совлада екипата на Пролет. Иако во составот недостасуваа голем број на играчи, сепак Вардар се покажа како пресилен за Пролет, кој даде отпор само во првите 30 минути од мечот.

Тренерот Парондо немаше многу избор на овој меч, со оглед дека во составот недостасуваа голем дел од играчите, кои во текот на вчерашниот ден имаа репрезентативни обврски. На голот беше младиот Кизиќ, додека во нападот игравме со Чупиќ, Скубе, Поповски, Војводиќ, Недановски и Фереира. Екипата на Пролет прва го отвори резултатот, додека црвено-црните вратија со погодоците на Војводиќ и Скубе, за прво водство од 2:1. Се играше гол за гол се до резултат 3:3, кога Вардар сврза два гола, најпрво преку Поповски, за и Војводиќ со нов гол во 6.минута од мечот да зголеми на 5:3, откако претходно до својата прва одбрана стигна и Кизиќ. Гостинската екипа го искористи нашиот ослабен ростер, па даваше силен отпор на теренот во С.Ц. Јане Сандански. Вардар ја превзеде контролата на резултатот, беше во водство, но Пролет ни „дишеше“ во врат. Со головите на Недановски и Поповски, имавме највисоки три гола разлика (8:5), а истата позитива ја имавме и во 20 минута од мечот кога резултатот на семафорот беше 12:9, откако од пенал погоди Симон Калајџиески. Гостинската екипа успева да намали на 12:11, па нашиот шампион врати на ист начин за повторно да ги имаме оние најголеми три гола разлика (14:11). Сепак следи еден наш лош период до крајот на првото полувреме, дозволувајќи на Пролет да направи серија од 2:5 и на полувреме да се замине со нерешен резултат од 16:16. Промашивме два напади, а тоа го искористи противникот. Избраниците на Матлиески имаа и напад за водство, но одбрани голманот Кизиќ, па одмор се замина со нерешен резултат.

Вториот дел започна со гол на Фереира, додека шанса во нападот добива уште еден млад играч, се работи за Марко Мишевски. Одлично започнува на голот и Кизиќ кој стигна до нова одбрана, додека Чупиќ погодува за 18:16 од линијата за седум метри. Вардарци беа во налет, откако повторно брани Кизиќ, а неговите соиграчи го користат и својот трет напад и поведуваат со 19:16. По само осум минути игра во вториот дел, Вардар стигнува и до највисоки четири гола предност (20:16), откако Поповски со нов гол го совлада Кимевски. Одлично функионираше нашата одбрана во овој дел, Пролет постигна само еден гол за десет минути игра, за што заслужен е и Марко Кизиќ кој повторно брани, додека Чупиќ од пенал погоди за 23:17, највисока предност на Вардар на овој прв меч од плеј-офот на супер лигата. Го полневме голот на Пролет, нова контра за нас, која во гол ја претвара Поповски, кој носи високо водство од 25:18. Во еден момент противникот намали на 27:22, но врати Фереира со гол, додека Кизиќ стигна до нова одбрана, а Вардар со серија од 4:0 поведе и со 31:22. Деби гол во првиот тим и за младиот пикер, Благој Димчевски кој се запиша во листата на стрелци, за водство на Вардар од 32:23, додека тренерот Парондо шанса за настап им даде и на останатите млади ракометари. На крајот победа за Вардар изразена со резултат 33:26.

Најефикасен беше Поповски кој постигна 9 голови, додека Кизиќ имаше 14 одбрани. Нема одмор за Вардар, кој веќе утре гостува во Битола, на екипата на Еурофарм Работник.