Финишираа десетдневните подготовки во Требиње, па Европскиот ракометен шампион вечерва се враќа во Скопје.
Од 2.август, црвено-црните беа во Требиње, каде го одработија главниот дел од подготовките. Имаа можност да настапат и на турнир, на кој го освоија првото место, во конкуренција на шест екипи. Вардар во финалето ја победи екипата на Металопластика (32:28) и на тој начин го освои првиот трофеј за оваа сезона. Третото место им припадна на Бутан Плин Изола која во малото финале за еден гол беше подобра од екипата на Борац (26:25). Петтото место е за тимот на Извиѓач, додека на последната шестта позиција заврши Леотар. Турнирот во Требиње беше добра можност и за новиот тренер подобро да се запознае со тимот, како и за новите засилувања, кои треба полека да се вклопуваат во составот.
Покрај доделување на трофеј за победникот, беа доделени признанија и за најдобар играч, стрелец и голман. Тимур Дибиров ги освои наградите за најдобар стрелец и за МВП на турнирот, додека најдобар голман е Тодор Јандриќ од Металопластика.
Како што напоменавме, вечерва, вардаровата експедиција се враќа во Скопје каде ќе продолжи со подготовки за новата натпреварувачка сезона. Со оглед дека има уште 14 дена до настапот на Супер Глоуб Купот, од клубот се во преговори за одигрување контролни натпревари со екипи, кои во следниот период ќе ги објавиме, а истите ќе бидат одиграни во Скопје.