Friday ,03 May 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Втор натпреварувачки ден од пролетниот дел на ракометната „Јуниор Лига“
Втор натпреварувачки ден од пролетниот дел на ракометната „Јуниор Лига“

Втор натпреварувачки ден од пролетниот дел на ракометната „Јуниор Лига“

На вториот натпреварувачки ден на стартот од пролетниот дел во ракометната „Јуниор Лига“ беа одиграни вкупно пет натпревари.

Во женска конкуренција кај генерацијата родени 2006/07 на програмата беа два натпревари. Во првиот се сретнаа екипите на Будимир и Ново Лисиче. Поуспешна беше екипата на Будимир која славеше со резултат 11:5. Во текот на целиот меч, екипата на Будимир беше во предност, уште на стартот поведоа со 4:0 и се одлепија од екипата на Н.Лисиче. До крајот на првиот дел, Ново Лисиче успеа да намали на 4:2.

До средината на вториот дел, Ново Лисиче одржуваше резултатска рамнотежа, кога резултатот на семафорот беше 6:5. Сепак од тие моменти до крајот на мечот, Будимир направи серија од 5:0 и на крајот триумфираше со резултат 11:5.

На вториот дуел кај оваа генерација победа издвојуваше тимот на Кале од Кичево кој го совлада тимот на Драчево со резултат 11:9.

Два натпревари се одиграа и во машкиот дел кај генерацијата родени 2008/09 година.

На првиот меч се сретнаа екипите на Шампион и Бисинов, дуел кој заврши со нерешен резултат (5:5). Шампион беше тимот кој го отвори резултатот, но следеше серија за екипата од Велес од 0:4, за солидна предност на Бисинов од 1:4. Сепак како одминуваше мечот се топеше предноста на Бисинов. Намали екипата од Скопје на 3:4, па врати Бисинов за 3:5. До крајот на мечот подобро се снајде екипата на Шампион, која постигна два гола во серија, за конечни 5:5 на овој меч.

Интересен натпревар одиграа и екипите на Ангели од Скопје и Седмерец од Охрид, дуел кој минимално им припадна на охриѓани. Во најголем дел од првото полувреме се играше гол за гол, а Седмерец беше тимот кој прв поведе со два гола разлика (3:5). До крајот на првиот дел, екипата на Ангели постигна гол и намали на 4:5.

Во второто полувреме гледавме игра гол за гол на двете страни, се играше доста израмнето. Сепак екипата на Седмерец беше таа која не го даваше водството, повторно поведе со 6:8, што беше решавачки за победата. На крајот триумф за Седмерец со резултат 8:9.

Еден натпревар се одигра и во генерацијата 2006/07, но во машкиот дел. Екипата на Бисинов од Велес славеше во дуелот со екипата на Ангели од Скопје, со конечен резултат од 8:15. Екипата на Бисинов го отвори мечот со предност од 0:2, но бргу врати екипата на Ангели кога израмни на 2:2. Повторно го врати водството Бисинов (2:4), кое не дозволи да го испушти до крајот на натпреварот. Ангели не се предаваа, намалија на само еден гол негатива (5:6), но следеше серија за тимот од Велес од три голови во серија, со кои зголемија на 5:9. Супериорен беше тимот на Бисинов во последните седум минути од мечот, кога го зголемуваше водството и на крајот славеше убедливо со резултат 8:15.