Денес во женска конкуренција во “Јане Сандански“ се одигаа финалните дуели од Зимскиот турнир. Кај дамите во “малото финале“ се сретнаа РК Ново Лисиче Вардар и тимот кој дојде до “бронза“ екипата на РК Кале Вардар од Кичево.
Победникот мораше да биде решен по пенали, регуларниот дел заврши 13-13, кичевчанки триумфираа по пеналите со 3-2 или со 16-15 како вкупен резултат. Првиот дел започна со реми 1-1, потоа неколку пати видивме резултатска симетрија, беше 2-2, па 3-3, 4-4 и на крајот 5-5. РК Кале успеа да го однесе натпреварот на одмор со гол позитива, тие на пауза заминаа со предност од 7-6.
Вториот период од овој натпревар започна со резултат 8-8, по што кичевчанки врзаа два гола во серија и се одлепија на 10-8. Тие својата предност ја чуваа со игра гол за гол се до пред крајот. Во финишот влеговме со 13-11 предност за нив, сепак нивниот ривал немаше намера да се предаде. Со два гола изедначи и дуелот го однесе во “пенал рулет“. РК Кале Вардар успеа да погоди три пати и победи со 3-2.