Wednesday ,30 September 2020
Последни:
Home > Uncategorized > Алушовски: Следи многу работа, вклопивме добар тим
Алушовски: Следи многу работа, вклопивме добар тим

Алушовски: Следи многу работа, вклопивме добар тим

Се уште актуелниот европски првак, Вардар 1961 ги почна подготовките за новата сезона, и ние сме првиот ракометен тим во земјава што почнува со подготовки. Со повеќе нови играчи во ростерот Вардар 1961 има план да ги повтори досегашните резултати, пласман на Ф4 турнирот во СЕХА лигата, да биде во Топ-8 во Европа и да ја освои двојната титула во Македонија.

Поради немање на протоколи за тренирање во сала, засега планот ќе се одработува на отворено и во вежбална. Откако ќе пристигнат протоколите ќе почне да се тренира и во сала.

На првиот тренинг се појавија сите засилувања кои беа потпишани летово. Нови играчи на „црвено-црните” се: Робен Кантагрел, Марко Вујин, Филип Талески, Анте Гаџа, Јосиш Векиќ, Ловро Јотиќ, Томислав Јагуриновски и Гоце Георгиевски.
Со екипата ќе тренираат и повеќе помлади ракометари кои до лани настапуваа за тимот на Вардар јуниор.

„После четири месеци и некој ден среќен сум што ќе ги стартуваме подготовките. Она што е малку неприродна ситуација и она што последните пет месеци сите не загрижува е состојбата со вирусот, но мора да се вратиме на работа. Не очекуваат големи предизвици. Во текот на летото се обидовме и направивме конкурентна екипа на која цел ќе и биде четвртфинале во Лигата на шампионите, Ф4 во СЕХА и титула во домашното првенство. Планот за подготовки е направен, но ова ќе бидат нетипични подготовки бидејќи зависиме многу од дневни ситуации. Ќе работиме во Јане Сандански и сите објекти кои се придружни”, рече Алушовски.

Тој го објави и планот за контроли во август и потврди дека Вардар ќе игра на турнирот во Струга.

„Она што досега е закажано е учество на турнирот во Струга од 12 до 16 август и турнир во Кањижа од 21 до 23 август каде што требаше да играат Нексе и Пик Сегед, но во Нексе има играч со коронавирус, а Пик Сегед има забрана за излез од државата и за натпревари со тимови од други земји. Останува дневно да ги правиме сите измени доколку има потреба. План за подготовки имаме. Ќе се тренира според протокол кој ќе го добиеме од минситерството за здравство и комисијата за заразни болести. Имаме протокол за теретана и тренинг на отворено. Се надевам дека до понеделник ќе има протокол во затворен простор. Вардар е сè уште актуелен првак и имаме високи амбиции. Екипата не е на нивото од претходните години, но не е ниту екипа која треба да се потцени. Ќе одиме чекор по чекор”, изјави Стевче Алушовски.

Сега пред тренерот Алушовски ќе има и предизвик да ги вклопи новите играчи кои дојдоа.

„Она што јас и раководството и претседателот го направивме е да имаме конкурентен тим, да имаме здрава конкуренција на секоја позиција. Донесовме звучни имиња како Марко Вујин, кој се враќа после тешка здравствена состојба. Тој е играч кој има освојувано Лига на шампиони. Сите играчи кои се доведени ќе ја имаат мојата потполна поддршка. Конкуретен тим во кој ќе владее тимска атмосфера и со здрава работа може да ги оствариме целите. Големиот број на нови играчи, пред сè мислам на средните бекови Јотиќ и Гаџа треба да се адаптираат на играта во напад во Вардар и ќе биде тешко да се вкомпонира целиот тим во овие два месеци. Сепак, тоа е една слатка мака и ние како тим ќе успееме да бидеме на потребното ниво за Лигата на шампионите. Многу потешко е она што не опкружува во минатите пет месеци за долгорочен план. Можеме да направиме единствено неделен план и Господ да не чува од вирусот“, изјави Алушовски.