Екипата предводена од Драгана Пецевска лани во пионерска конкуренција освои злато, тоа беше единствена млада екипа од машката и женската екипа на Вардар која дојде до злато во лигата. Тие девојки како и лани и оваа сезона ќе играат во кадетската лига, а во престојната сезона ќе имаат прилика да настапат и во младинската конкуренција. Дел од овој тим е и Симона Грујовска, таа е голман во овој состав. Сезоната лани ја почна како третта опција, сепак секогаш кога ќе и се даваше прилика ја “зграбување“ и покажуваше вонсериски квалитет и голманска мајсторија. Во финалето лани имаше огромен придонес за титулата, се разбира и во текот на целото првенство. Во продолжение разговараме со оваа голманска надеж која надоаѓа, за почеток во ова интервју нејзините почетоци во ракометот.
Љубовта кон ракометот можам да кажам дека ми ја пренесе мојот татко. Со него на трибините ги следев сите натпревари уште од моето најрано детство, па така уште на 5 годишна возраст почнав да тренирам ракомет. Од тогаш па навака ракометот е мојот “животен повик“.
Симона е одлична на голманската позиција, сепак нејзините почетоци биле врзани за друго место во составот. Таа ни зборува за тоа како и од кога е “чувар на мрежата“.
Од мојот почеток па се до 2014 година играв на позицијата лево крило. Во периодот после 2014 година тренирав во РК„ Андријана Будимир“. Тогашниот мој тренер Андријана Будимир го препозна талентот за голман во мене и инсистираше да се пробам на позиција – голман. Излезе дека не погреши и мислам дека позицијата голман според мојот карактер најмногу ми одговара.
Вистинска среќа имала да во својот ракометен напредок и издигање да има ментори кои се ракометни великани во земјата. Најпрвин брачниот пар Кастратовиќ потоа Будимир и во редовите на црвено-црните нејзин кормилар е Драгана Пецевска.
Започнав да тренирам ракомет во РК„ Кастратовиќ “ каде тренери ми беа Индира и Зоран Кастратовиќ од кои ја добив ракометната основа. Во 2013 се префрлив во РК„ Андријана Будимир“. Голем дел од моето знаење го добив и од тренерот Владимир Радиќ каде тренирав од јануари 2015 година. Во Вардар сум од предходната сезона кај моите денешни тренери Драгана Пецевска и Билјана Пецевска од кои секојдневно учам нешто ново. Од сите тренери добив по нешто, но за мојата позиција-голман најголема придобивка имам од голманските тренинзи кои ги имаме со тренерот Александар Царчев.
Во финалето во пионерската лига на крајот од мај оваа година Симона го почна дуелот од клупата за резерви. Тренерот Пецевска во моменти кога се “топеше“ нашата предност во второт дел и даде прилика на Симона. Таа блесна и со неколку интервенции даде имплус кон повторното враќање на предноста што значеше злато на крајот од дуелот.
Финалето од пионерската лига и освојувањето на “златото“ со мојте соиграчки изминатата сезона го гледам како голем успех, како за мене така и за моите колешки. Ракометот е екипен спорт и не постојат индивидуални заслуги. Среќна сум што бев дел од победничкиот тим и што со моите интервенции придонесов во освојување на златото.
Викендов во кадетската лига одигравме дуел во салата “Кале“ со двегодини повозрасната екипа на ЖРК Куманово. Во вториот дел Грујовска почна помеѓу стативите. Таа со двоцифрен број одбрани и тоа само во едно полувреме беше дефинитивно играч на дуелот заедно со Седлоска која стрелаше 10 пати.
Натпреварот со екипата на ЖРК Куманово за нас беше едно ново искуство. Иако одигравме нерешено треба да бидеме задоволни со резултатот затоа што противничките играчи беа 2 години повозрасни од нас и имаа повеќе искуство. Во секој случај задоволна сум од мојата игра која ја покажав на овој навистина тежок натпревар.
Избраничките на Пецевска оваа сезона ги чекаат поприлично сериозни предизвици тие ќе играат во кадетска и младинска конкуренција. Пред себе ќе имаат тимови кои се повозрасни, физички посупериорни, но црвено-црните дами повторно ќе покажат она што ги красеше и до сега, беспоштедна и храбра игра. Што очекува нашата соговорничка од оваа сезона добиваме одговор за крај на ова интервју.
Оваа сезона по втор пат ќе се натпреваруваме во кадетската лига и се надевам дека оваа година ќе успееме да се пласираме на завршниот турнир. Што се однесува до младинската лига очекувам многу квалитетни и неизвесни натпревари бидејќи сепак тимовите со кои ќе се натпреваруваме се многу повозрасни од нас. Се надевам дека во иднина ќе постигнеме уште поголеми успеси бидејќи среќата ги следи храбрите.
Михајло Тушевски