Вчера во Автокоманда, Македонија ја пречека Бугарија во пријателски дуел за младински женски селекции. Во дресот на црвено-жолите беа шест вардарки: Илиќ, Грујовска, Трпевска, Џатевска, Седлоска и Божиновска. Македонија дојде до победа, нашите девојки имаа солиден придонес во триумфот со 31-23.
Дуелот започна со по три гола во двете мрежи за почетни 3-3, резултат кој беше активен до 11.минута. Поведовме со пенал (4-3) откако бугарките ја фаулираа Ивана Џатевска. На семафорот повторно имаше резултатска симетрија 5-5 и во 17.минута. Следеше пеколен период во кој ние со серија 5-0 поведовме со 10-5. Ривалките се вратија со еден гол, не одговоривме со три од кој два беа дело на вардаровите репрезентативки, Седлоска и Трпевска за водство со 13-6. На одмор заминавме со резултат 14-8.
Вториот дел се играше на старот гол за гол, ние водевме и понатака со шест гола повеќе. По 8.минути игра во Автокоманда на семафорот стоеше 19-13. Успеавме да поведеме и со 9 гола, во 41.минута со голот на Ана Марија Божиновска водевме со 22-13. Ние го контолиравме овој дуел во целост, постојано имавме водство па во последните 10.минути влеговме со резултат 24-18.
Предноста од шест плус ја чувавме со игра гол за гол, на 5.минути до крајот беше 27-21. Успеавме на крајот да отидеме и на осум гола предност. Прилика доби и Грујовска која веднаш покажа квалитет, одбранувајќи помеѓу другото и еден пенал. Таа на фантастичен начин успеа да сопре удар од 7.метри. Победата дојде со резултат 31-23.
Од Вардаровите играчи имавме тројца стрелци, Ана Марија Божиновска погоди три пати, по еден гол имаа Андреа Седлоска и Ивона Трпевска.