Saturday ,20 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Борјана Коцева: Ракометот е игра во која уживам, тоа што сме поврзани како сестри ни носи тимски успех
Борјана Коцева: Ракометот е игра во која уживам, тоа што сме поврзани како сестри ни носи тимски успех

Борјана Коцева: Ракометот е игра во која уживам, тоа што сме поврзани како сестри ни носи тимски успех

Единствено пионерките на женскиот ракометен клуб Вардар се уште не ги започнаа пролетните возбудувања. Тие се на зимска пауза и се подготвуваат за пролетниот дел. Тимот предводен од Анжела Платон и Марија Папуџиева имаше одлична есен, во пионерската лига заврши како лидер. Во кадетска конкуренција е во топ-3 тимови, во лига каде нашите девојки се значајно помали од ривалите.

Борјана Коцева млада надежна ракометарка родена 2004 година е дел од овој тим. Станува збор за ракометарка со голем квалитет која прикажува допадливи игри во оваа екипа, една од клучните поединки за успешната есен и освоените два турнира. Истата ја следиме уште од деновите кога беше дел од “Јуниор лигата“. Постојано напредува, од сезона во сезона, нејзиниот напредок е евидентен.  Предан тимски играч, кој одлично ги извршува задачите во двата правци. Лукав одбранбен играч и безпоштеден борец и стрелец во нападот. Покрај завидната ракометна техника, храброста, на нејзина страна е и интелегенцијата која ја користи максимално за креативност посебно во фазата на реализација. Играч за кој во иднина ќе се слуша се повеќе и повеќе, голем потенцијал, со одлично движење во поле, вешт и тимски ракометар. Во продолжение ви носиме интервју, со оваа посебно квалитетна, интелигентна и вешта ракометна вардарова надеж за која може да се зборува само во суперлативи.

boj

1. За почеток запознај не со себе, од кога се занимаваш со ракомет, како се појави љубовта за овој спорт и за твојата позиција во тимот?

*Дружбата со  ракомет ја започнав, доста рано   од петто одделение, од тогаш па се до сега уживам во овој спорт.  Моите први тренери  за време на моите почетоци беа Маја Аврамовска и Ана Деспотовска.  Играм на позицијата лев бек во тимот, истата потполно ми одговара и на неа давам максимум за колективот. Се одлучив за овој спорт затоа што ми се допаѓаа натпреварите,  едноставно јас уживам да играм ракомет.

2.Слободно може да кажеме дека си “продукт“ на Вардар јуниор лигата од каде си “регрутирана“. Што ти донесе настапот во истата?

*Ракометната Вардар “Јуниор“ лига беше таа која ми помогна да влезам во пионерската селекција на Вардар. Јуниор лигата е еден одличен проект каде што ние младите можеме да се покажеме себеси и нашите квалитети. Преку настапите во истата собрав искуство, ги подобрив своите вештини и она што е најважно успеав да изборам место во пионерскиот состав на Вардар.

52332996_296188877709724_35234494357176320_n

3. Во изминатата година настапувте на два турнири, двата ги завршивте со “злато“, тоа беше голем успех, честитки, како успеавте во силна конкуренција да дојдете до највисокото место на пиедесталот?

*Изминатата година, 2018, беше многу важна година за нас како тим. Одигравме  турнир во општина Гази Баба каде што дојдовме до првото место. Учествуваа јаки екипи,но на крај ние ја покажавме нашата борбеност и спортски дух и затоа стигнавме до посакуваната прва позиција. Исто така бевме и на меѓународен турнир во Белград каде што учествуваа 17 екипи не само од Балканот туку и пошироко. Морам да кажам дека за тој турнир бевме многу мотивирани и нашата желба да се стигне до највисокото место беше преголема. На тој турнир се покажа и нашиот квалитет, се покажа кој е Вардар. Беше тешко но на крај со сите сили мотивирани до максимум без разлика што и да се случеше ние како тим го одигравме нашето најдобро и стигнавме до првата позиција.

4. Вашиот тим од клупата го предводат Платон и Папуџиева, доста успешно, опиши ни како е да се работи со нив?

*Јас сим горда што имаме тренери како Анжела Платон и Марија Папуџиева во нашата екипа. Тие се трудат и го даваат својот максимум на сите наши тренинзи и натпревари, воедно успеаваат да го извадат максимумот од сите нас со добар тренинг, мотивација и педагошки пристап. Многу напреднав под нивно менторство како ракометарка. Најголема пофалба за нив, тие едноставно постојано и несебично  ни се посветуваат апсолутно, безрезервно и потполно  целосно.

q3

Борјана, Храбар борец! 

5. Коцева зад вас е поприлично успешна есен, една “есенска титула“ и пласман во топ-3 делот во лигата каде играте со повозрасни ривали, кое е твоето видување за досега одиграното?

*Есенскиот дел на лигата веќе е зад нас, посебно сум  задоволна од текот на истиот. Во пионерската лига сме први,  а во кадетската сме 3-ти, што го сметам за успех на овој тим. Во кадетска лига играме со поголеми девојки и е по тешко, но ние кога излегуваме на терен забораваме на се, на нивната возраст и си ја играме нашата игра, како што знаеме и умееме. Борбеноста не ни недостасува, ние сме храбри и пожртвувани ракометарки кои се подготвени да се борат за успех. Резимирано на крајот, од  овој дел од лигата сум задоволна, сепак како што се вели секогаш може и подобро.

6.Веќе ви истекува зимската пауза и ви привршуваат зимските подготовки, како минаа и што очекувате оваа ракометна пролет?

*Зимските подготовки ги поминавме доста интезивно,  интересно и возбидливо. Во истите додатно се воигравме и ја го подобривме нашиот атлетски левел.  Очекувам и оваа полусезона да имаме нови победи и секако да стигнеме до првото место во пионерската лига, што е наша првенствена цел. Воедно ќе се обидеме истите очекувања да ги оствариме во кадетската лига каде ќе биде потешко доаѓањето до целта. Сепак со тимска работа, добра стручна подготовка од тренерскиот двоец, “срце на терен“ од нас девојките успехот неминовно нема да не одмине.

q2

7. Твојот тим е кратко време заедно, но функционира речиси безпрекорно, која е “формулата“ на вака успешен тим кој толку кратко време е заедно?

*Ние сме заедно скоро една  и пол година и станавме веќе како сестри, како едно семјество, црвено-црно. Една со друга се почитуваме и си помагаме, тоа е клучната тајна на еден тим-да се почитуваат и да си помагаат едни на други кога им е тешко. Соработуваме одлично и се надевам дека така ќе продолжиме. Сета таа поврзаност донесува борбеност и пожртвуваност една за друга во натпреварите, што се рефлектира на тимскиот скор во краен случај. Оваа екипа доколу вака продолжиме има уште многу да даде, ова досега не е “нашиот последен збор“.

8. Во Вардар, а и претходно постојано настапуваш со твојата сестра близначка, Бојана, како е чуството да се игра со близначка и да се “бијат“ ракометните битки на терените?

*Мојата сестра е едноставно- “моето с`е“. Таа ми е најголема поддршка и мотивација кога сум на терен. Бојана  игра на позицијата  среден бек, а пак јас сум лев бек. Позиции во тимот  кои се една до друга што овозможува додатна поврзаност во текот на натпреварите, што посебно ми годи. Исто така мојата сестра поради безсомнениот квалитет кој го поседува  има добиено  и многу  поединечни награди. Тој факт,  допринесува јас  како нејзина близначка да сум многу-многу  горда на нејзе. Само тие што имаат почустувавно таква љубов и поврзаност, надвор и на теренот може да си го доловат тоа чуство.

Борјана(лево), Бојана (десно) во дресот на Вардар!

Борјана(лево), Бојана (десно) во дресот на Вардар!

9. За крај Борјана соопшти ни кој ти  е ракометен идол, и каде се гледаш во иднина ти како млада и перспекивна ракометарка?

*Па, очекувано во  иднина би сакала да се занимавам  со ракомет,  затоа што ми е животна желба. Се надевам овој спорт ќе биде мој “животен пат“  и посакувам да ми се оствари тој сон.  Ќе вложам многу напор и труд за остварување на моите сништа. Би сакала да играм за екипата на Букурешт,  мојот ракометен идол е Андреа Пенезиќ. Еден одличен бек кој имавме прилика сите до пред половина година да го гледаме во Скопје како дел од екипата на Вардар-вели Борјана Коцева.

Михајло Тушевски