Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Сања Дамњановиќ: Се надевам дека оваа сезона ќе направиме нешто поголемо од претходните две години
Сања Дамњановиќ: Се надевам дека оваа сезона ќе направиме нешто поголемо од претходните две години

Сања Дамњановиќ: Се надевам дека оваа сезона ќе направиме нешто поголемо од претходните две години

Прва победа за Вардарки во премиерниот настап на турнирот. Во првиот дуел беше забележан висок триумф против екипата на Лајпциг од Германија. Нашиот шампион беше надмоќен во текот на целиот натпревар и имаше постојано водство, кое на моменти достигна 15 гола разлика. Ново засилување за Вардар, кое пристигна летово Сања Дамњановиќ ексклузивно само за нашиот сајт ни ги сподели впечатоците од првата победа на турнирот, како и настапите на “Букурешт трофеј“ и престојот во новиот клуб и Скопје.

Вардар Фанс: Ја забележавте првата победа на турнирот против Лајпциг. Какви се впечатоците после убедливиот старт и колку сте задоволни од резултатот и играта на својот тим?

Среќна сум што победивме. Мислам дека завршивме добра работа во одбраната и помогнавме на нашиот голман Лејно, која беше феноменална и најзаслужна за оваа голема разлика. Но и да се случеше да немаше добар ден сигурно ќе победевме, бидејќи бевме супериорни во нападот и одбраната. На мечот против Лајпциг бевме колективен тим, постигнувавме голови од сите позииции. Покажавме силна енергија и не застанавме, дури и кога поведовме со 5-6 гола разлика.

Вардар фанс: Што очекувате во продолжение од “Вардар турнирот“ ?

Се надевам дека на дуелот со Подравка, која ја респектирам како екипа ќе победиме и ќе се пласираме во финалето. Незнам кој ќе биде таму, но со кого и да играме ќе дадеме се од себе да го освоиме турнирот. 

Вардар фанс: Претходно имавте можност да настапувате на уште еден силен меѓународен турнир во Романија. Како ќе ги анализирате тие дуели и целокупниот турнир, на кој го освоивте третото место?

Во Романија на  “Букурешт трофеј“ само еден натпревар го одигравме лошо. Ниту првиот меч со Корона Брашов не беше идеален, но тука покажавме карактер да се вратиме после негатива од 7 голови што е голема работа, иако победивме со само еден гол разлика. Во борбата за третото место со Ростов Дон, покажавме како всушност треба да се игра и одигравме феноменално. Единствено што можам да кажам негативно е натпреварот со ЦСМ Букурешт. Тоа беше лош ден, лоша енергија и не ни одеше ништо од рака. Искрено не ја знам вистинската причина и што побрзо сакам да го заборавам тој меч.

Вардар фанс: Летово пристигнавте во Вардар како големо засилување. Како се чуствувате во Скопје и клубот?

Во Скопје е супер, се чуствувам како дома. Малку ми е тешко што не ги знам сите улици, кафичи и ресторани. Во Вардар исто така ми е добро. Познавам многу од девојките и се надевам дека оваа сезона ќе направиме нешто поголемо од претходните две години, изјави Дамњановиќ за нашиот сајт.

Звонко Ивановски