Избраничките на Кастратовиќ и Камара уште пред почетокот на плеј-офот во женската ракометна конкуренција беа апсолутни фаворити за титулата. По одиграните седум кола веќе имаме максимални 21 бод што теоретски значи дека сме ја обезбедиле титулата досега. Во овие седум дуела постигнавме 315 гола или во просек 45 гола по меч што само ја покажува нашата доминација.
Денес ќе го одиграме лигашки дуел како домаќинки во нашата сала “Јане Сандански“, тоа е последниот дуел сезонава во рамки на осмото коло со екипата на ЖРК Металург. Победникот ни е на сите одамна познат, но нашата победа има уште еден “благодет“ за црвено-црното семејство. Поради подобриот меѓусебен скор со плаво-белите денес со триумф ќе му ја обезбедиме вицешампионска титула на Вардар Јуниор. Ова е голем успех за тимот предводен од селекторот на А-селекцијата на Македонија Симе Симовски, што ќе биде најдобар пласман на овој тим во неговото кратко постоење. Дуелот со ЖРК Металург денес е закажан со почеток во 16-00 часот и на истиот одговорните лица од ракометата федерација на земјава ќе го врачат пехарот на старо-новиот шампион на Македонија во женска ракометна конкуренција.