Дури по две продолженија, екипат на Ѓер успеа да ја освои лигата на шампиони. Тие во финалето го поразија нашиот Вардар, со резултат 31:30.
Натпреварот со гол го отвори Радичевиќ за почетно водство. Потоа следуваа минути каде екипите направија мини серија од два погодоци. Набрзина Ѓер успеа да има прва предност од 2:1, а нивниот голман, Гримсбо имаше две одбрани. Вратија Вардарки во иста мера и со погодоците на Лекиќ и Лазовиќ го враќаме водството од 2:3. Двете екипи наметнаа силно темпо на игра, а противникот за прв пат на мечот прави серија од 3:0 и поведува со 5:3. Направивме смена на голот, каде Лејно беше заменета од Суслина. Проследуваме и прв гол на Пенезиќ за намалување на резултатот, додека во 10 минута, Лакрабер донесе израмнување на резултатот на 6:6. И во следните три минути резултатот беше израмнет на 8:8, пред да настапи лош перод во нашата игра. Во 19 минута избраничките на Амброс имаа водство од 12:10, за и во следните седум минути да не успеаме да постигнеме гол во нападот, додека Ѓер зголеми на 14:10. Лошата серија ја прекина Камила Херем, која со својот прв гол намалува на 14:11. До крајот на првото полувреме по еден гол на двете страни, за на одмор да се замине со резултат 15:12.
Второто полувреме тргна со гол на Талеска, додека во нашиот прв напад погоди Алтхаус. На голот застана и Мајса Песоа, која веднаш стигнува до одбрана. Радичевиќ намали на 14:12, но врати Морк за враќање на трите гола разлика (15:12). Следевме неизвесен натпревар, каде двете екипи сакаа брзо да ги завршуваат нападите. Радичевиќ имаше зицер позиција за намалување на само еден гол негатива, но нејзиниот удар завршува во пречката од голот на Ѓер. Мајса Песоа е одлична на голот, што му дава крилја на Вардар, за Пенезиќ со својот четврти гол да намали на 20:19 во 47 минута. Во следните пет минути се играше гол за гол, а Ѓер имаше постојано водство. Алтхаус е наша најрасположена ракометарка во тие моменти,која имаше три гола од исто толку обиди. Таа носи и израмнување по долго време, за резултат 24:24 на седум минути пред крајот. Гледавме инфаркт завршница каде се играше гол за гол. Мавсар во последната минута постигнува гол и носи ново израмнување. Имавме голема шанса за победа и освојување на титулата, откако имавме 2о секунди за напад. За жал не успеавме да упатиме ни удар кон голот на Гримсбо, па натпреварот отиде во продолженија, откако во регуларниот дел заврши без победник (26:26).
Во првото продолжение од пет минути, Ѓер прави серија од 3:0 и има значителна предност од 29:26. Првиот гол за Вардар го постигнува Мавсар дури во четвртата минута. Првото продолжение со неверојатен гол го затвора Лекиќ, која намалува на само гол негатива (29:28). Во првите две минути од второто продолжение по еден гол на двете страни. На крајот сепак Ѓер слави со резултат 31:30. Алтхаус и Лакрабер се наши најефикасни ракометарки со 6 голови, односно 5 погодоци.
Вардар не успева ниту во четвртата своја сезона да стигнат до шампионската титула, но сепак ниту во еден момент не се предадоа.